Бизнисменот Сеад Кочан, не доби одложување на затворската казна, па на 17 јули тој треба да влезе во затвор да ја издржи казната од 4 години и 8 месеци во предметот „Труст“ на СЈО.
– Во однос на предметот од обвинителството означен како „Труст“, ја информираме јавноста дека молбата за одлагање на извршувањето на санкцијата е одбиена како неоснована и истата е доставена до странките во постапката – велат од Кривичниот суд.
Кочан е единствениот од овој предмет кој треба да одлежи затворска казна. Второобвинетиот, Василие Авировиќ, исто така беше осуден на затвор од три години, но Апелацискиот суд му ја преиначи казната и му одреди условна односно две години затвор кои нема да се извршат ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Третиот кој беше обвинет во предметот, Сафет Ватиќ, доби ослободителна пресуда.
Во обвинението на СЈО се најдоа и три фирми, „Трансмет“, „Силекс неметали – Кратово“ и „Вато“, од кои третата беше ослободена. За другите судот одреди и конфискација на имот од околу 17 милиони евра.
„Труст“ се однесуваше на добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување лажна документација.