Отфрлено е како недозволено барањето на Сеад Кочан за одлагање на затворската казна за предметот „Труст“ по што доцна синоќа тој е спроведен во затворот „Идризово“.
– По добивање на целокупната документација поврзана со новото барање за одлагање со отпочнување со издржување на затворската казна на еден од обвинетите во предметот со К.бр. 1459/17 од обвинителството значен како „Труст“, судија за извршување санкции донесе решение со кое го отфрли барањето како недозволено и издаде наредба осуденото лице со полициска придружба веднаш да биде спроведено во надлежната Казнено поправна установа – соопшти Кривилчниот суд.
Затворската казна која треба да ја одлежи бизнисменот од 4 години и 8 месеци е поради манипулации за добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување лажна документација. Кочан е единствениот од овој предмет кој треба да одлежи затворска казна. Тој првично доби шест години, но Апелација му ја намали казната.
Второобвинет беше Василие Авировиќ. Тој исто така беше осуден на затвор од три години, но второстепениот суд му ја преиначи казната и му одреди условна односно две години затвор кои нема да се извршат ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Третиот кој беше обвинет во предметот, Сафет Ватиќ, доби ослободителна пресуда.
Покрај нив, во обвинението на СЈО се најдоа и три фирми, „Трансмет“, „Силекс неметали – Кратово“ и „Вато“, од кои третата беше ослободена. За другите судот одреди и конфискација на имот од околу 17 милиони евра.