Не е исклучена можноста СДСМ да ја прошири коалицијата за престојните избори со партии од албанскиот блок. Според партиски извори, се разгледува опцијата за заеднички изборен настап со ДПА и евентуално со Алтернатива на Африм Гаши, кои партиципираа со свои кадри и во владата на СДСМ и на ДУИ.
Сепак, одлуките за тоа дали и со кои политички субјекти ќе се проширува коалицијата, како што велат од владејачката партија, ќе се носат кон крајот на февруари, со оглед на тоа што некаде кон средината на март истекува рокот кога кандидатските листи за пратеници треба да бидат доставени до ДИК. Во наредниот период, пак, ќе се искористи за политички анализи за тоа какви последици или бенефити може да му донесе на СДСМ евентуалното коалицирање со ДПА или со Алтернатива – доколку оваа партија, во меѓувреме, не постигне договор за заеднички настап со Беса и со Алијансата за Албанците.
Во анализите, според соговорници од СДСМ, ќе биде земена предвид поддршката што оваа партија ја има кај значителен дел од гласачите Албанци, како и ризикот можните нови партнери подоцна да се „одметнат“ од коалицијата, откако ќе обезбедат неколку мандати на заедничка листа со социјалдемократите.
ДПА долги години важеше за „традиционален партнер“ на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и беше во ривалство со СДСМ – сè до пролетта 2018 година, кога Мендух Тачи влезе во владата на Зоран Заев. ДПА, практично, го зазема местото во владата на Алијансата на Албанците, но доби само едно министерско место без ресор. Претходно, на последните парламентарни избори во 2016 година, партијата која едно време беше дел од „големата четворка“ го постигна можеби најслабиот изборен резултат од формирањето, освојувајќи само две пратенички места. Алтернатива на Гаши, пак, по разделбата со Билал Касами, кој ја задржа Беса, остана со три пратенички места во актуелниот собраниски состав.
Ако биде посигнат договор за коалицирање на СДСМ со која било или со двете партии од албанскиот блок, тоа ќе биде прво партнерство меѓу партии од македонскиот и од албанскиот политички кампус на парламентарни избори. Сепак, СДСМ веќе има искуство од „етнички мешани“ коалиции. Мразот беше скршен во 2017 година, кога СДСМ и ДУИ настапија заедно во градоначалничката трка на тогашните локални избори. Потоа, и на минатогодишните претседателски избори, двете владејачки партија настапија со Стево Пендаровски како заеднички кандидат.