СДСМ се огради од заканувачот на Героски, кој се претставува како обезбедување во партијата

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими новинарот Героски по добиените закани и при тоа осуди секаков вид закани упатени до медиумите и порача дека новинарите треба да ги уживаат сите права и слободи за да можат професионално и без притисоци да работат. 

761

Новинарот Бранко Героски утринава отиде во седиштето на СДСМ да побара објаснување за заканите дека „ќе биде бањат во Вардар“ од лицето кое се претставува како обезбедување во СДСМ. Героски се сретна со портпаролот Костадин Костадинов кој го уверил дека наведеното лице не е дел од обезбедувањето на СДСМ, а ќе се испита и дали е член на владејачката партија.

По овој повод и претседателот Стево Пендаровски денеска го прими новинарот Героски.

Претседателот Пендаровски осудувајќи секаков вид на закани упатени до медиумите, порача дека новинарите треба да ги уживаат сите права и слободи за да можат професионално и без притисоци да работат. Претседателот истакна дека како и досега, ќе се залага за заштита на достоинството и интегритетот на новинарската професија и професионалните медиуми секогаш ќе ја имаат неговата поддршка“, соопшти кабинетот на Пендаровски.

 – Доцна сношти примив закана од лик кој се претстави како дел од обезбедувањето на СДСМ. Јавно на Фејбуск побарав лидерот и партијата да се изјаснат во врска со таа закана и се најавива како гостин во партијата за да расчистам за што станува збор.  Од луѓето од секторот за комуникации бев известен дека ова лице не е вработено во обезбедувањето на СДСМ, ниту во СДСМ. Не е познато дали е член на партијата. Го добив одговорот што ми беше неопходен за да утврдам дали некој лажно се претставува. На мене сега останува понатаму ако одлучам да го пријавам случајот во полиција и да продолжам во редовна законска процедура да барам сатисфакција – рече Героски.

Тој рече дека ова е единствената писмена закана по серијата написи кои, како што рече, предизвикаа малку бура во јавноста.

– Не ги сметам секојдневните настани како снимање зад грб, дофрлање, но не ги сметам за закани – рече Героски.

Костадинов рече дека ако се утврди дали заканувачот е член на партијата ќе се преземат чекори согласно статутот.

– Утрово дојде господин Героски, имавме конструктивен разговор во однос на заканите кои што беа упатени до него, вчера вечер. Секако, како одговорна партија, ние од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се оградуваме и најостро осудуваме каков било обид за навреда или за спречување на изразување на слободна мисла на говор. Тоа не е наша вредност. Наша програмска определба, наш принцип и наша вредност е да имаме овозможување на слободно изразување на волјата на говор, тоа и го правиме. За тоа доказ се и извештаите на „Репортери без граници“ каде што Република Северна Македонија има раст од 15 места во истите тие извештаи.
Во разговор со господин Героски, му дадовме информација дека не станува збор за партиско обезбедување. Во текот на денот, ќе видиме од базата на членовите дали станува збор за член на Социјалдемократскиот сојуз. Секако, доколку станува, согласно нашиот Статут во партијата соодветно ќе реагираме – изјави портпаролот Костадин Костадинов од СДСМ по средбата со Героски.

Новинарот Героски во последниов период предупредува дека е цел на напади и закани.

– Во моите натписи зборувам за реакции и атаци јавни од страна на штабови и групи на луѓе кои се претставуваат дека настапуваат во име на СДСМ и Владата. Разбирлива е вознемиреноста во одредени кругови бидејќи јас пишувам на еден специфичен начин единствен можен во овој момент, за жал, кој октирва нешто што сите ние го знаеме и е јавна тајна во Македонија. Но, јас не можам да кажам дека ниту Владата ниту СДСМ официјално и формално стојат зад тие натписи. Има луѓе кои си земаат слобода, обврска, мисија да ја бранат Владата и СДСМ од мене и од другите критичари на власта, на начин кој не е пристоен и кој им нанесува штета и на Владата и на СДСМ. Претпоставувам дека ова е надвор од нивна контрола – рече тој.

Героски неодамна поднесе оставка од позицијата главен уредник во весникот „Слободен печат“.

– Поднесов оставка поради темелно несогласување со сопствениците околу начинот на кој ја водам уредувачката политика, односно околу нивото на мојата критичност. Да, тоа го доживувам како притисок. Навистина големо прашање е кој од тој притисок профитира. Не можам да мерам со мерилата на сегашноста она што се случуваше во минатото. На сите нас ни беше ветено дека во овој период на новата власт ќе има нулта толеранција за агресија, насилство врз новинарите. И тоа е еден многу, многу повисок стандард што јас сакам да го видам и доживеам во практиката. Апсолутно би било некоректно и неприфатливо од мене новиот стандард што треба да го живееме да го споредувам со она време. Ни беше ветено нулта толеранција, јас очекувам тоа да го видиме во пракса, јас не доживувам дека има нулта толеранција – рече Герoски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...