СДСМ пред одлука за коалицијата, на ДУИ не ѝ се дава заменикот во МВР

И без партијата на Али Ахмети може да се обезбедат потребните 61 глас за избор на техничката влада, во која ќе партиципира и ВМРО-ДПМНЕ

10633
20150602 Tuesday 1450 przino liderska sredba ahmeti

Најтесното раководство на СДСМ ќе заседава вечерва, по враќањето на премиерот Зоран Заев од Рим. На координацијата во партиското седиште, според најавите, ќе биде отворено и прашањето за „одржливоста на коалицијата“ со ДУИ – на само петнаесетина дена пред заминувањето на политичката влада на овие две партии и изборот на техничка влада – 100 дена пред изборите на 12 април.

Во очекување на состанокот на врвот на СДСМ, високи партиски извори коментираат дека евентуалното растурање на коалицијата со ДУИ, всушност, нема поента во овој момент, со оглед на тоа што се формира техничка, а не политичка влада во која во периодот на предизборие ќе партиципира и ВМРО-ДПМНЕ, како поранешен коалициски партнер на Али Ахмети. Учеството на ВМРО-ДПМНЕ во т.н. Пржинска влада, чие враќање како концепт се случи токму на барање на оваа партија, се смета за  гаранција дека и без 10 пратеници на ДУИ ќе бидат обезбедени потребните најмалку 61 глас за избор на владиниот кабинет, што, најверојатно ќе го предводи сегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Сепак, неговата номинација за технички премиер се очекува да биде утврдена на вечерашната координација, а кон крајот на овој месец да добие „виза“ и од Централниот одбор на СДСМ, кога ќе бидат утвдени и имињата на дополнителните заменик-министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика.

По синоќешната седница на Централното претседателство на ДУИ, пратеникот Артан Груби изјави дека владејачката партија на Албанците ќе настапи самостојно на парламентарните избори. Наспроти тоа, во последните два изборни циклуса – на локалните избори во 2017 година и на годинешниве претседателски избори, ДУИ настапуваше во коалиција со СДСМ. Според Груби, за ДУИ не е важно дали со техничката влада, ќе ги изгуби министерствата со кои сега раководи.

ДУИ моментно ги предводи владините ресори за европски прашања, економија, образование…, а има и неколку заменик-министри. Овие ресори, според соговорници од СДСМ, би можеле да бидат пополнети со кадри од другите партии од владејачката коалиција, но проблематично е тоа што владата, практично, би останала без порепрезентативен претставник од албанскиот блок, освен ако во техничката влада не се вклучат албанските партии што сега се во опозиција.

Од друга страна, партиски извори посочуваат дека за ДУИ е мошне важно да ја задржи заменик-министерската функција во МВР, што сега ја извршува Агим Нухиу. Оваа позиција, како што се посочува, е битна за ДУИ, затоа што, согласно со концептот за избор на „Пржинска влада“, сегашните заменик-министри во внатрешни работи и во труд и социјална политика, практично, ќе ги преземат министерските позиции во овие ресори по завршувањето на изборите, па до изборот на новата влада. Така ДУИ ќе има министер за внатрешни работи, како што имаше и во периодот по изборите во 2016 година до јули 2017, кога беше избрана владата на Заев.

По лидерската средба на која беше договорено 10. парламентарни избори да бидат исто така вонредни и да се одржат на 12 април, нагло почнаа да се влошуваат односите меѓу партнерите на „Илинденска“. За неполни два месеца, ДУИ и СДСМ се судрија околу инцидентот со навивачката група „Шверцери“ во МНТ, третманот на забелешките од Венецијанската комисија…а сега и за илјадниците амандмани на Изборниот законик.

Во април 2016 година, кога тогашната техничка влада на Емил Димитриев го трошеше третиот месец од мандатот, а паралелно се лицитираше со тоа дали ќе бидат одложени тогашните парламентарни избори, првично закажани за 24 април, ДУИ приреди изненадување со вест дека нејзините министри излегуваат од владата. Потоа се испостави дека тоа не значи и излегување на ДУИ од техничката влада, затоа што оваа партија само ги замени тогашните министри од нејзините редови со нови имиња.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...