СДСМ: Предвремени избори ако ВМРО-ДПМНЕ не ја почитуваат волјата на над 600.000 граѓани

731

Огромното мнозинство, над 90 отсто од граѓаните што излегоа на гласање избраа „ЗА“ и порачаа дека Република Македонија треба да го прифати договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ со зачуван македонски идентитет, соопшти СДСМ по седницата на Извршниот одбор на партијата.

– Членовите на Извршниот одбор едногласно заклучија дека сега, кога има јасно изразена мнозинска волја, пратениците во Собранието на Република Македонија треба да го следат гласот на мнозинството од над 600 илјади граѓани, да преземат одговорност и да се забрзаат процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ.

Доколку тоа не е возможно и ВМРО-ДПМНЕ и натаму ја кочи иднината на граѓаните и ја турка земјава во бездна, тогаш нема друга опција освен предвремени парламентарни избори веднаш, на кои граѓаните ќе одлучат за иднината – заклучи Извршниот одбор на СДСМ.

Од таму додаваат дека Извршниот одбор оцени дека треба да се искористат сите демократски можности, да им се овозможи на пратениците да го следат гласот на граѓаните и да обезбедат членство на Македонија во НАТО и ЕУ.

Извршниот одбор ги овластил претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и координаторот на пратеничката група, Томислав Тунтев, да ги преземат сите потребни чекори во насока на подготовка за предвремени парламентарни избори.

– Никој не треба да се надева на амнестија. Станува збор за многу важно прашање, за иднината на земјата, за иднината на граѓаните и фокусот на сите парламентарни партии треба да биде на ова прашање. Се друго е поигрување со иднината и обид за враќање на земјата во изолација и небиднина. На седницата беше заклучено дека референдумот помина во мирна, фер и демократска атмосфера, стои во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...