СДСМ поднесе барање за автентично толкување за да не се активира помилувањето од Иванов

373

Денеска пратеничката група на СДСМ поднесе Барање за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, откако Уставниот суд покрена лавина реакции со тоа што отвори постапка за преиспитување на уставноста, а со самото тоа и можност да ја оживее аболицијата од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, потврдуваат дека барањето е стигнато и е испратено до сите пратеници.

– Со овој чекор сакаме да ги спречиме најавите да се врати незаконската аболиција на Ѓорѓе Иванов, против која застанаа сите слободоумни граѓани, зад која застанавме и ние. Неказнивост на делата што ги направи режимот предводен од ВМРО-ДПМНЕ не смее да има и нема да има, ние тоа нема да го дозволиме. Секојдневно сме сведоци на обиди за избегнување на правдата. Од постојано одложување на судења па сѐ до иницирање на постапки пред Уставниот суд. Последен од тие обиди е отворањето на вчерашната постапка за оценка на членот 11 од Законот за помилување – изјави портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов.

Аболицијата на Иванов се однесуваше на 56 лица опфатени со предметите на СЈО, а Собранието со автентично толкување со еден потег може да го спречи воскреснувањето на аболицијаата.

– Ги повикувам сите пратеници да застанат на страната на правдата и да го поддржат Барањето за автентичното толкување. Тоа е одговорност на секој избран пратеник. Заедно да го спречиме активирањето на незаконските помилувања дадени од поранешниот претседател Ѓорге Иванов и сите до еден, на дело да покажеме дека сме за правда – рече Костадинов.

Претходно министерката за правда, Рената Дескоска, ги повика пратениците самите да поднесат барање за автентично толкување и да ги убрзаат процедурите, а да чекаат Владата да покрене таква иницијатива.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...