Да, токму така, другар Зоран Заев – СДСМ не е мултиетничка партија!
Иако ти кажа дека е. Прецизно, ти кажа дека СДСМ не е македонска, туку е мултиетничка партија и тоа го поврза со мултиетничкиот карактер на државата. А не си во право. Ама ич не си во право!
СДСМ не е ни моноетничка, ни биетничка, ни мултиетничка партија. Етницитетот како категорија нема апсолутно никаква врска со политичкиот и со идеолошкиот карактер на партијата чиј претседател сега си ти. Освен ако нешто тајно не сте запишале во нејзините документи, во што не верувам.
СДСМ е партија која никогаш немала и никогаш не смее да има било каков етнички предзнак или атрибут. Убеден сум дека ова го знае секој член на СДСМ и дека никој не прифаќа партијата да добие етничка дефиниција, макар и да се нарече мултиетничка.
Сето тоа нема врска со мултиетничкиот карактер на населението во Македонија. Патем речено, по тоа нашата земја не е ексклузивен пример во Европа и во светот, а најмалку, пак, во регионот. Нема земја која на е мултиетничка. Па што?
СДСМ, како наследничка на некогашната Комунистичка партија на Македонија (подоцна Сојузот на комунисти на Македонија и СКМ – Партија за демократска преобразба), е македонска партија, другар Зоран Заев!
Големи историски битки се водени македонската комунистичка партија да биде таква, македонска и самостојна. И во периодот пред и за време на Втората светска војна (па и порано дури), сè до времето кога СКМ-ПДП, под водство на Петар Гошев, Бранко Црвенковски, Киро Глигоров и другите носечки кадри на таа партија, го предводеше процесот на осамостојување – прво осамостојување на партијата од хегемонистичката политика на југословенската компартија притисната од Милошевиќ, а потоа и осамостојување на Македонија од поранешна Југославија.
Мислам дека нема член на СДСМ којшто ова не го знае. Ако има такви, тоа значи дека тие членови на СДСМ не ја помнат или ја извртуваат, а помладите не ја изучуваат историјата на својата партија.
А да не се знае дека СДСМ е македонска партија навистина е многу грдо!
И кога велам дека СДСМ е македонска партија, тоа нема врска со етницитетот како категорија, најмалку, пак, со етничкиот состав на државата и следствено, со етничкиот состав на членството на партијата.
Ако не си знаел, другар Заев (не е страшно и да не си знаел, млад си), во времето пред плурализмот и пред појавата на партии со етнички атрибути и со етнички каузи, во СДСМ имаше многу Албанци, Турци, Срби и припадници на други народи и народности. Можам да ти набројам барем десет имиња на такви вредни и видни луѓе, на кои сегашните кадри на СДСМ не им се ни до глуждовите (млади се децата, не ги кудам, можеби ќе пораснат и еден ден ќе станат големи политичари).
Како и да е, во тоа време и до ден денешен, до оваа твоја изјава во Виница, никогаш никој не рекол дека СДСМ е мултиетничка партија. Барем јас не паметам такво нешто, а ти прости ми ако нешто сум пропуштил…
Како и сите други поранешни компартии – СДСМ е наследник на една таква партија – би можело да се рече дека фактот што станува збор за македонска партија и кој е регистриран и во нејзиното официјално име, не менува еден друг важен факт, имено дека комунистите и социјалдемократите секогаш биле космополити. Е тоа може да се каже, бидејќи тоа е вистина.
Со малку напор, другар Заев, јас сепак успеав да разберам што си сакал да кажеш во Виница. И не ти замерувам на мислата. Сфатив дека ти сакаш да ја оправдаш својата намера СДСМ да склопи коалиција со една или две албански политички партии од Македонија (можеби и со повеќе, не знам, не беше прецизен и за тоа). И затоа сакаше да ни кажеш дека на еден ваков „мултиетнички“ СДСМ нема да му биде тешко да направи таква коалиција.
Не знам… Но, секако дека немам ништо против твојата намера. Не е ни моја работа со тоа да се занимавам, веројатно за тоа треба да размислуваат членовите и органите и телата на СДСМ. Но еве, јавно го оспорувам твојот аргумент. Кој, всушност, не е никаков аргумент.
Искрено, ама баш најискрено, би сакал да дочекам во Македонија еден ден да коалицираат една македонска и една албанска политичка партија, ако таа коалиција се засновува на идеолошка основа и ако ја одразува блискоста на политичките програми на тие партии. Во случајов, од авион се гледа дека коалицијата што сега ја заговараш не е таква, иако не ја спорам легитимноста на целта што се сака да се постигне – опстанок на власт по секоја цена.
Но, за цената ќе коментирам во некоја друга колумна. Набрзо. Пред да ја направите таа коалиција. Во оваа прилика, другар Заев, сакам да ти кажам дека ако дојде до таква коалиција, „мултиетничкиот“ СДСМ сигурно ќе коалицира со некоја „моноетничка“ албанска политичка партија (или со две и повеќе). Треба да знаеш, како што сигурно знаеш, дека сите албански политички партии се моноетнички не по етничкиот состав на своето членство, туку по тоа што нивните идеолошки и политички програми во основата ја содржат албанската етничка кауза. Против која немам апсолутно ништо. Но, тоа е факт што не смее да се занемари.
Ќе те потсетам дека на 7 јануари 2017 година, сите албански политички партии од Македонија, во Тирана, кај претседателот Еди Рама, склучија и потпишаа меѓупартиски договор-декларација, подоцна жовијално наречена платформа. Декларацијата ја обзнанија ДУИ, Алијансата на Албанците и Беса, во текот на преговорите за формирањето на новата влада. Иако таа платформа подоцна се распадна, зашто ДУИ го презеде кормилото, таа сведочи дека до таа година албанските политички партии и заеднички се трудеа да го решат „албанското прашање“, а не само секоја сама по себе. И уште нешто ќе те потсетам. Талат Џафери од ДУИ, на пример, во ова време лани изјавува дека сè од тој договор во Тирана веќе е спроведено во Собранието и заговара албанските партии да излезат со заеднички претседателски кандидат.
Тешко ми е да замислам, другар Заев, како СДСМ, макар и со променет лик, имено како „мултиетничка партија“, ќе се вклопи во овие турбулентни процеси, сега не како партнер на некоја албанска партија во извршната власт, туку како предизборен коалициски партнер. Природно ќе ти бидат поставени многу незгодни прашања, на кои не знам како ќе одговориш. Но, тоа не е моја грижа. Не сум член на ниту една партија, па да се секирам. Тоа е тема за која веројатно ќе си расправате на седниците на органите и телата на партијата. Освен ако одлуката не падне со акламација.
Јас лично, како поранешен активен член на СКМ, член до самото распаѓање на таа партија, само сакав да ти укажам дека СКМ, СКМ-ПДП и потоа СДСМ, партии меѓу кои постои јасна линија на наследување и континуит во развојот, никогаш не биле и се надевам дека и СДСМ нема да стане партија со етнички атрибут, со било каква дефиниција („мултиетничка“ или било каква друга) и со било какво разбирање и објаснување на таквото референцирање.
Останувам уверен дека ти, другар Заев, во Виница само погрешно си се изразил, дека имаш проблем само со вордингот, односно со потребата да ги најдеш вистинските зборови за да ја оправдаш идната предизборна коалиција со една, две или повеќе албански политички партии, која би можела да те направи фаворит на овие избори. Ако и тоа може…
Како и да е, она што го кажа е погрешно и би било доблесно и чесно, од причините кои тука темелно ги образложив, во твојата следна изјава да ја исправиш твојата трапава реченица, според која „СДСМ не е македонска, туку мултиетничка партија“.