СДСМ нема одлукa ниту за парламентарни избори ниту за претседателски кандидат

1148

На седниците на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ вечерва нема конечна одлука дали владејачката партија ќе оди на предвремени парламентарни избори. Дали ќе се оди и на парламентарни избори, Централниот одбор го овластил највисокото раководство на партијата да одлучи, а тоа, како што најави генералниот секретар на паријата Александар Кирацовски, треба да се случи во текот на наредната недела.

Вечерва, како што кажа тој, „провејувале“ различни ставови и сите ќе се земат предвид.

Кога станува збор за претседателските избори, владејачката партија ја започна процедурата, а кандидатот официјално ќе се потврди на конгрес на 3 март.

– Централниот одбор на СДСМ ја донесе одлуката да ја започне процедурата за избор на кандидат на претседател на државата која ќе се комплетира на Конгресот на 3 март. На Република Македонија ѝ треба вистински претседател кој ќе работи за доброто и интересите на државата. Централниот одбор донесе и одлука за отпочнување на постапката за избор на кандидати за градоначалници за Дебар, Охрид и Ново Село. Централниот одбор го овласти највисокото раководство да донесе одлука дали заедно со претседателските ќе се одржат и предвремени парламентарни избори – изјави Кирацовски.

Премиерот Зоран Заев вечерва не присуствуваше на седниците бидејќи владиниот авион не можеше да слета на аеродромот во Скопје поради невремето, па беше пренасочен кон Софија. Заев е веќе вратен во земјава, но вечерва нема да оди во партиското седиште.

Неофицијално, неможноста Заев да присуствува на седници е една од неколкуте причини зошто вечерва не падна одлука дали ќе има предвремени парламентарни избори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...