На 3. март годинава најверојатно ќе биде закажан Конгрес, на кој ќе биде избран кандидатот на СДСМ за претседател на Република Македонија – изјави вечерва Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, по состанокот на Извршниот одбор на партијата.
На Извршниот одбор, според Кирацовски, се дискутирало за актуелната политичка ситуација во државата, а бил разгледуван и предлогот за одржување предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските.
– На Централниот одбор СДСМ ќе ги разгледува сите предности и недостатоци за предвремени парламентарни избори и дали истите ќе одат во прилог на Република Македонија или не. Се надевам дека вечерва Централниот одбор ќе донесе одлука по ова прашање, а доколку не, Извршниот одбор ќе биде задолжен дополнително да ја извести јавноста за одлуката – рече Кирацовски.
Во продолжение ви ја пренесуваме во целост изјавата на Александар Кирацовски.
„Закажаниот Централен Одбор на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија ќе продолжи со работа, Претседателот Заев, којшто поради временските неприлики мораше да слета на аеродромот во Софија е во ред и е на пат за Македонија.
Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија има органи,тела, и може да одлучува дури и без првиот меѓу еднаквите, оној којшто исклучително добро ја води нашата партија.
Извршниот Одбор на СДСМ заврши предмалку, и номинира повеќе точки на разгледување и дискусија на Централниот Одбор.
Првата точка е актуелната политичка ситуација во државата и разгледување на опциите за одржување на предвремени Парламентарни избори заедно со Претседателските избори, втората точка е отпочнување на постапка за избор на кандидат за Претседател на државата како и за кандидати за Градоначалници на Општина Охрид, Општина Ново Село и Општина Дебар, исто така тука ќе бидат утврдени правилниците, роковниците и критериумите за кандидирање, впрочем и целата постапка за избор на Претседател и Градоначалници на овие три Општини.
Исто така, она што за вас како временска димензија е битно , предлог одлука за свикување на 23 Конгрес на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Извршниот Одбор до Централниот Одбор, предлага да се одржи на 03.03.2019 година.
Една од точките е предлог одлука за избор на Секретар за Меѓународна соработка, почитуваниот господин Дане Талески ќе оди како предлог за оваа значајна функција во нашата партија до Центалниот Одбор и една техничка за Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија операција, а тоа е одлука за пререгистрација на СДСМ, нешто што сите политички партии го прават еднаш на четири години.
И нормално, последната точка е тековни прашања кадешто нормално членовите на ЦО можат да номинираат најразлични теми, прашања и дискусии коишто се во интерес на функционирање на СДСМ и државата впрочем“.