Траорна атмосфера владее единствено во ВМРО-ДПМНЕ поради силната поддршка од 30 партии од сите етнички заедници, од граѓаните и прогресивните сили за Стево Пендаровски, заеднички кандидат за претседател на сите граѓани, стои во соопштението од Центарот за комуникации на СДСМ.
– Мачнина се гледа на ликот на Мицкоски кој се уште зборува „за удари“ со истиот боксерски речник како неговиот ментор и шеф, Никола Груевски. По Ѓорге Иванов кој наскоро заминува, Христијан Мицкоски е последниот остаток од груевизмот – криминалната матрица што 11 години ги осиромашуваше граѓаните, ја пустошеше економијата, а државата ја турна во изолација и неизвесност. Затоа, граѓаните на 21 април ќе го поразат Мицкоски и неговиот кандидат за претседател Гордана Силјановска, и ќе стават крај на остатоците од груевизмот, крај на деструктивната матрица што се обидува да ја влече државата назад – стои во соопштението.
Оттаму велат оти „јасна е разликата, за првпат во историјата, 30 партии од сите етнички заедници застанаа зад еден кандидат. Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и сите останати застанаа зад Стево Пендаровски натпартиски кандидат за претседател на сите граѓани“.
– Од друга страна, кандидатот на Мицкоски, Силјановска добива поддршка само од оние политички субјекти кои работат против ЕУ и НАТО. На Северна Македонија и е потребен вистински претседател, кој ќе застане рамо до рамо со прогресивните сили и Владата и посветено ќе работи на процесите што значат напредок, раст и развој, членство во НАТО и интеграција во ЕУ. Тоа е Стево Пендаровски – се наведува во соопштението.