Еден советник на ДПМНЕ нападна директор на образовна институција, друг му се закануваше и го омаловажуваше, велат од СДСМ Кочани.
– Деновиве сме сведоци на невиден терор што го врши ДПМНЕ во Кочани. Вчера, член на Советот на Општина Кочани и почесен претседател на оваа партија , физички нападна директор на образовна институција. Друг советник од истата партија, му упатуваше погрдни зборови, се закануваше и го омаловажуваше во салата на Советот. Неодамна пак, актуелниот претседател на кочанското ДПМНЕ насилно влезе и во партиските простории на СДСМ – Кочани и незаконски снимаше наши активисти и симпатизери. До кога овие офајдени партиски ликови ќе го тероризираат овој град и демократијата? Одовде сакаме да им порачаме дека физичките и вербалните напади не можат да го скријат криминалот и злоупотребите што ги вршеа повеќе од десет години. Така не ќе можат да го скријат нивното расипничко однесување во сите сфери, посебно во образованието, од каде црпеа енормни суми за лични и партиски профитирања – стои во соопштението од прес конференцијата на Гоце Серафимов, претседател на ОО СДСМ Кочани.
Оттаму бараат институциите да постапат согласно законските рамки и да ги заштитат од насилството.
– До нив ќе се поднесат сите докази за претходните случувања. Бараме јавно извинување од претседателот на ОК ДПМНЕ за неадекватно однесување кон наши функционери и оградување од насилниците и криминалците од своите редови. Ние како партија веруваме во институциите и ќе оставиме тие да го решат овој проблем. Заедно со секој слободен и чесен човек ќе градиме едно општество за сите, без фаворизирање на едни или други, а против криминалот и сите криминални структури – вели Серафимов.