СДСМ исправен пред ризик од бојкот на претседателските и губење на двотретинското мнозинство

Кога ќе се состане највисокото раководство засега нема официјални најави, додека неофицијалните се дека тоа може да се очекува најрано претстојниот викенд.

1278

Дали да се оди на предвремени парламентарни избори и да се ризикува со губење на двотретинското мнозинство или да се одржат само претседателски со ризик од можен тивок бојкот и неисполнување на цензусот од 40 отсто излезност.

Ова се двата ризика кои СДСМ ќе ги стави на кантар, покрај останатите аргументи „за“ и „против“, додека размислува дали да се прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори.

Одлука на седниците на Извршниот и Централниот одбор во петокот вечерта не падна. Централниот препушти за тоа да пресече Извршниот кој, како што најави генералниот секретар на партијата, Александар Кирацовски, би требало да одлучи во текот на оваа недела. Меѓутоа, кога ќе се состане највисокото раководство засега нема официјални најави, додека неофицијалните се дека тоа може да се очекува најрано претстојниот викенд.

Во петокот премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, не стигна на Бихаќка бидејќи поради невремето во Скопје авионот од Давос не можеше да слета, па беше пренасочен кон Софија. Тогаш, во редовите на социјадемократите можеле да се слушнат различни ставови, а на Централниот одбор наводно повеќето од присутните биле против избори.

Очекувањата во владејачката партија се дека во најлошо сценарио распоредот на силите во парламентот би бил речиси ист како сега или со неколку пратеници плус во корист на СДСМ. Меѓутоа, според партиски извори, стравот е дека двотретинско мнозинство ќе биде тешко освоиво, па покрај забавувањето на реформските процеси поради парламентарните избори, реформите и по изборите би можеле да наидуваат на сопки бидејќи во новиот состав не би била и исклучената осумка од ВМРО-ДПМНЕ со која полесно може да се постигне договор отколку со нови пратеници од опозицијата, која во новиот состав не би била расцепкана.

Ризикот дека ќе дојде до нова криза бидејќи нема да се исполни цензусот за избор на претседател ако паралелно не се одржат и парламентарни избори, пак, е една од причините со кои во СДСМ настапуваат оние кои се залагаат за прифаќање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ. Немањето излезност од 40 отсто би можело да биде резултат на тивок бојкот како од најголемата опозициска партија, така и од партии кои во минатото се залагаа за избор на претседател во Собранието.

Да се даде нов мандат од четири години во кој власта ќе се посвети на економски мерки и реформи откако е решен спорот за името на кој се потроши најмногу енергија изминатиот период, бил уште еден од аргументите со кои на Бихаќка се настапувало во насока на тоа дека сега треба да се одржат избори.

Дека имало различни ставови, по одржаните состаноци во петокот вечерта рече и Кирацовски, кој посочи дека тие се демократска партија и сите аргументи ќе ги земат предвид кога ќе се одлучува на седница на Извршниот одбор.

Во јавноста веќе неколку функционери од СДСМ излегоа со став „за“ и „против“. Меѓу оние кои сметаат дека треба да се одржат двојни избори, според изјавите во медиумите, се министрите Рената Дескоска и Дамјан Манчевски. Вицепремиерката Радмила Шекеринска во јавноста не сакаше да изнесе став пред, како што изјавуваше, да се изјасни пред сопартијците. Премиерот Зоран Заев, пак, досега неколку пати изјавуваше дека неговиот став е оти по решавањето на спорот со името за државата е најдобро сега да се посвети на реформите и да се собираат економските плодови од она што го постигнале изминатиот период.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...