Триста кривични пријави против кадри на ВМРО-ДПМНЕ се поднесени во последните 2,5 години, по смената на власта во земјава, објави СДСМ.
Според владејачката партија, од поднесените 300 кривични пријави досега 129 се процесирани пред надлежни судови.
„Но многу од овие слуачи се чуваат заглавени во судско-обвинителските лавиринти од страна на остатоците од заробената држава во судството. Тоа е уште една потврда дека е потребно прочистување и сеопфатни реформи во правосудството. Надлежните обвинителства и судови мора да ја зголемат својата ефикасност и да постапуваат по отворените предмети. Ова е важно затоа што се работи за висока корупција каде се инволвирани носители на јавни функции“, се наведува во партиско соопштение.
Според СДСМ, бројката на поднесени и процесирани кривични пријави покажува дека ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ. Таму, велат, се уште е присутна криминалната матрица.
„За опозицијата главен приоритет и натаму е одбрана на криминалот од нивното 11 годишно уништување на државата. Затоа, граѓаните на 12 април ќе им испорачаат нов пораз на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и јасно ќе порачаат дека враќање на режимот нема да има“, стои во соопштението на СДСМ.