Ова е уште еден доказ дека на дневна основа ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство не можат да функционираат без лаги и конструкции. Претседателот Заев во објавените тонски снимки ја коментира одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО после јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство – одговори денеска Хари Локвенец од СДСМ кој реагираше на прес-конференцијата на Антонио Милошоски на која беше објавена аудио снимка на која наводно се слуша гласот на Зоран Заев.
Локвенец нагласи:
– Разговорот некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство.
Toa се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок на партии, кога се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство.
Неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за јавно обвинителство – покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд. Со ЗЈО овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази. Се зборува дека врховните судии јасно информирале дека ќе ја донесат одлуката што тогаш ја динесоа согласно законот за СЈО каде што е предвидено дека до 30.06.2017 неовластено разговори се докази а после може да бидат само индиции и се друго што се слуша во објавеното неовластеното снимање од Милошевски е само аргумент плус преку убедување на соговорниците и потврда, зошто треба да се донесе новиот закон за Јавното обвинителство.
ВМРО-ДПМНЕ се закопа, пушта снимки од разговори од време кога сите знаеа дека предметите на СЈО беа под закана – Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен.
Убаво да слушаат граѓаните како се ставани и вадени тонски парчиња во објавената снимка. Но и покрај тоа ВМРО-ДПМНЕ не успева да направи конструкција. Денес е јасно. Ние се боревме предметите да добијат правна разрешница, бидејќи како што се слуша во разговорот, таа беше загрозена.
Ја добивме битката, ние бевме за Законот и за правна разрешница на сите предмети од СЈО врз основа на обезбедените докази, а тие беа против законот и против правда.
За разрешувањето на главната инсталација на Никола Груевски во судството, Јово Вангеловски има бројни правни аргументи, поради нечесно и несовесно работење и тие не може да ги оспори криминалецот Антонио Милошоски, за кого има предмет во СЈО – изјави Локвенец.
Тој додаде дека претседателот Заев, уште во август мината година во јавноста ги коментираше информациите дека некој го штити кумот на Трајко Велјаноски, Јово Вангеловски во Судскиот совет, повикувајќи на одговорност за сите согласно законите, без оглед на функцијата којашто ја врши.
-Граѓаните знаат дека Милошоски и извршителот Мицкоски не сакаат да одговараат оние кои му овозможија на Груевски да побегне, тие се фокусирани на одбрана на криминал – порача Локвенец.