Свиркачи во ВМРО-ДПМНЕ ги донеле исказите кои ги дале лица пред обвинителката Вилма Русковска, како и резултатите од наредбите за вештачење во случајот „Рекет“, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Тука моето име го нема, но има имиња од луѓе од власта. Нема да правиме воајерски шоуа додека постои минимална објективност во водењето на овие случаи. Но, ако нема ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави сите овие документи на увид на јавноста – предупреди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека нема да го тужи премиерот Зоран Заев за тоа што денеска рече дека Рекет може да води до Мицкоски.
– Договор е можен во секој момент кога Зоран Заев ќе сфати дека не треба да го заштитува криминалот. Дали ќе имаме до 15-ти, тоа не зависи од нас – рече Мицкоски на новинарско прашање.
Во врска со несогласувањата со власта околу Законот за јавно обвинителство, тој рече:
– Вака реагираше Заев вчера на преговорите: А па вие ќе нѐ потрупате со обвининеја ако ова го прифатиме. Човек што е чесен нема таква изјава да даде. Можеби ние имаме материјали од сега нелегално снимени кои можат да бидат индиции за сторен криминал. Тие сакаат со Законот да се опфатат материјали од 2008 до 2018, а ние велиме да важи без рок.