Како искази, наредби и резултати од вештачењата во истрагата за „Рекет“, со кои вчера мавташе Христијан Мицкоски, завршиле кај ВМРО-ДПМНЕ, од партијата не сакаат да откријат. Вчера тој, а денеска и генералниот секретар Игор Јанушев предупредија дека будно ја следат разврската на случајот и ако некој се обиде да влијае на истрагата ќе ги објават документите кои ги добиле од свиркачи.
Но, изнесувањето на материјали кои се дел од истрагата која е во тек би можело да донесе и кривична одговорност. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција велат дека не се исклучува и таква можност.
– Обвинителството со особено внимание ги следи сите информации во врска со овој предмет и доколку утврди елементи на кривично дело ќе постапи согласно своите надлежности – велат од Обвинителството. Оттаму предупредување дека објавувањето на документи за „Рекет“ кој е во истрага е кривично дело испратија и пред дваесетина дена кога во медиумите беше објавен дел од исказот на Орце Камчев.
И дел од правната фела со која контактиравме е согласна дека изнесувањето материјали од истрага има елементи за кривично дело. Извршната директорка на Коалицијата Сите за правично судење, Натали Петровска, вели дека изнесувањето материјали од истрага е кривична одговорност, но нагласува оти прво мора да се утврди содржината на тие материјали.
– Суштинско во моментот е да се утврди евентуалната содржина на материјалите со кои што се располага. Доколку се докази кои што се дел од истражната постапка и изнесена е нивната содржина, со оглед дека истражната постапка е тајна и вакви дејствија се забранети, се разбира дека би било кривично дело. Меѓутоа, без конкретна информација за содржината на доказниот материјал кој што наводно е предаден од свиркачи, кои патем треба да се во некоја релација со институцијата за каде се пријавува, не би можеле да констатираме дали е или не е сторено кривично дело. Во секој случај сметаме дека обвинителството треба сериозно да се зафати со истражување на ваквите случаи каде што наводно протекуваат информации од истражни постапки – вели Петровска.
Свиркачот не е откај Русковска, тврдат од обвинителството
Чешлање во обвинителството дали откај нив протекуваат документи имало, но досега не се утврдило дека „свиркачот“ е од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Оттаму за Плусинфо велат дека уште откако пред дваесетина беше објавен дел од записникот со исказ на Орце Камчев, почнале постапка за откривање како тој допрело до јавноста бидејќи записници од кривични пријави и од искази во предистрага и истрага не се даваат на никого, туку остануваат во предметот. Нагласуваат оти копија се дава само до судот кога има наредба за отворање на истрага и предлог за определување на притвор со цел судијата да има увид со какви докази располага обвинителот и дали има основ за притвор.
– Од извршените проверки се утврди дека објавените записници и други докази посочени на вчерашната прес конференција не потекнуваат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – велат оттаму.
Од Основниот кривичен суд, пак, велат, дека тие нема да навлегуваат во шпекулации.
– Судот во никој случај нема да навлегува во претпоставки или да шпекулира од каде и какви документи се излезени од одредена институција сѐ со цел да не наштетиме на целокупната постапка со оглед дека јавниот обвинител е надлежен да истражи како и дали одредени материјали на незаконит начин се изнесени во јавноста – велат од судот.
Засега никој не е повикан да даде исказ
Од обвинителството не откриваат дали планираат да повикаат некого да даде исказ во врска со изнесувањето на документи. Кој, кога и во какво својство ќе биде повикан, велат, ќе си оцени надлежниот обвинител.
Но, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, попладнево на прес-конференција потврди дека досега никој од партијата, не бил повикан да даде информации.
Во врска со свиркачот или свиркачите, барем засега не сака да дава повеќе информации.
– Тие информации, барем засега е останат а тие што ги знаат – рече Јанушев одговарајќи на прашањето дали свиркачите се од обвинителството.