Свирепо убиство, секс и скапоцен накит, случајот кој ја шокираше Италија (ВИДЕО)

Според италијанските медиуми, сомнително е тоа што жената го преспала убиството на сопругот, кое се случило недалеку од нејзината спална соба. Криците на нејзиниот сопруг и неговата мајка не ја разбудиле.

2816
ФОТО: Принтскрин Јутјуб

Четириесет и петгодишната српска државјанка Љубица Костиќ е осудена во Италија на 12 години затвор поради убиството на 75-годишниот златар Алдо Карли. Жената која се занимавала со проституција заедно со уште тројца соучесници го ликвидирале златарот на 20 декември 2017 година, пренесуваат српските медиуми.

Покрај затворската казна, жената ќе мора да му плати на семејството на убиениот 700.000 евра отштета. Костиќ била уапсена на 28 декември 2017 година.

Злосторството, за кое прво се сметало дека е последица на грабеж, се случило во семејната куќа на жртвата. Како што досега било утврдено со истрагата, Карли најпрво бил мачен, врзан и брутално претепан. Убијците за малку ќе му го откинеле увото – а потоа бил задавен. Тие ја нападнале и неговата 94-годишна мајка, која била неподвижна и практично слепа. Таа ја преживеала тортурата правејќи се мртва.

Како злосторството само по себе да не е доволно шокантно, приказната која инспекторите ја откриле потсетува на вистински крими роман. Имено, Карли бил вмешан во проституциска мрежа и продажба на накит на црниот пазар. Златарот, како што пишувале италијанските медиуми, имал „договор“ со тројцата мажи – за кои се верува дека го убиле – да ги снабдува со скапоцени камења, кои тие ги препродавале и му давале процент од профитот.

Станува збор за поранешниот полицаец Милан Пешиќ, кој се наоѓа во затвор во Србија, а Душан Пејчиќ и Оливер Ристиќ Петровиќ, со кои златарот бил во блиски односи од 2011 година и кои на Карли му должеле речиси 240.000 евра во пари, злато и накит, се во бегство.

Освен со пари, дилерите на добавувачот му плаќале и со секс, за што ангажирале проституки од Србија. Тука во приказната влегува Костиќ, која од Белград подолг период му праќала девојки на убиениот. Тој за замена на сексуалните услуги плаќал со златен накит. Во најголем број од случаите, во прашање биле мажени жени од Србија кои живееле и работеле во Трст, а кои Костиќ ги запознавала со убиениот.

Во нејзиниот и телефонот на убијците биле најдени пораки од вечерта на убиството.

Тројцата мажи требало на 20 декември 2017 да се најдат со Карли во Австрија, за да се договорат за предавањето на парите. Но, наместо тоа, одлучиле да се откачат од златарот, за кој верувале дека ќе ги измами и ќе ги земе парите кои заедно ги депонирале на австриска сметка.

Неофицијално, на таа сметка имало најмалку 100.000 евра од продажба на накит на црниот пазар. Убијците прво му пратиле порака околу 4 часот по полноќ во која го прашале дали тргнал кон местото на состанокот. Кога не им одговорил, влегле во неговиот двор.

Од Костиќ, која била во близина, ја дознале точната адреса, автомобилот кој убиениот го возел и слични детали кои му го олесниле планот за убиството.

Полицијата проверува и дали сопругата на Карли играла некаква улога во бруталното убиство.

Според италијанските медиуми, сомнително е тоа што жената го преспала убиството на сопругот, кое се случило недалеку од нејзината спална соба. Криците на нејзиниот сопруг и на неговата мајка не ја разбудиле.


ФОТО: Принтскрин Јутјуб

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...