Свилановиќ: Само успешен референдум на Македонија ќе и отвори перспектива и огромен потенцијал

230

Горан Свилановиќ, поранешен министер за надворешни работи на СР Југославија, од 1 јануари 2013 година е генерален секретар на Советот за регионална соработка со седиште во Сараево, БиХ. На барање на МИА, Свилановиќ испрати порака до македонските граѓани за претстојниот референдум во Македонија.

– Секако дека референдумот е национално прашање. Но, само успешен референдум ќе отвори перспектива и огромен потенцијал. Со него самите граѓани ќе имаат можност да стават точка на спорот што над 25 години го блокираше вистинскиот напредок и интеграциските процеси во земјата.

Договорот што го постигнаа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, според него, е храбар, голем, историски и охрабрувачки за целиот регион, бидејќи дава свеж потенцијал, не само за соработката во евроатланските интеграции, туку и за натамошниот економски развој на земјата, како и на целиот регион.

-Очекувам по успешниот референдум, земјите членки на Европската Унија да ги операционализираат заклучоците на Европскиот совет за почеток на преговорите. За очекување е процесот на преговори да тече со солидно темпо поради фактот што земјата досегна висок ниво на ускладеност на своето законодавство со ЕУ.

Свилановиќ смета дека е важно граѓаните да го препознаат огромното значење на овој референдум, земајќи ги притоа предвид перспективите и можностите што ги носи Европската Унија, и на него да донесат одговорна одлука за својата иднина и за иднината на генерациите кои доаѓаат.

– Европската стратегија за проширување објавена во февруари годинава е јасна-невозможна е интеграцијата во ЕУ со нерешени билатерални спорови, што значи дека императив е трајното решение на комплексниот билатерален проблем.

Позитивниот исход на референдумот и целосната имплементација на договорот меѓу Скопје и Атина можат да ги сменат правилата на игра и позитивно да влијаат врз останатите предизвици во регионот. Позитивниот исход ќе влијае и врз безбедноста, стабилноста и просперитетот во регионот. Со тоа, успешниот референдум ќе ги ослободи сериозните меѓународни дипломатски капацитети да се фокусираат и да ги решат и останатите критични прашања во регонот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...