Светска банка, продуктивноста, македонската економија, глобалните трговски војни

Според пресметките на Светска банка, најмалку капитал по работник има нашава земја, потоа доаѓаат Албанија и Црна Гора, па БиХ и најдобро стои Србија.

717

Пред неколку дена Светска банка го објави својот најнов Редовен економски извештај за Западниот Балкан. Се работи за полугодишен извештај што се фокусира на најновите економски случувања после претходниот извештај, но притоа содржи и констатации за процеси што можат да имаат и подолгорочни последици. Една таква констатација во најновиот извештај се однесува на продуктивноста на македонската економија.

Генерално, продуктивноста е приказна за тоа како се комбинираат трудот (како количина и со каква цена) и капиталот (машините, опремата, технологијата). Прашањето е како да се прозведе што повеќе со постојниот расположлив труд и капитал или како тие да се зголемат/подобро искомбинираат за да се произведе уште повеќе. Конкретно, за македонската економија, извештајот на Светска банка посочува дека „континуираниот тренд на пораст на платите, особено во трудоинтензивните индустрии, придружен од падот на продуктивноста на трудот во најголемиот број сектори, ја загрозува конкурентноста на економијата, бидејќи се зголемуваат трошоците по единица производ.“

Но, убавината на регионалните извештаи е што даваат не само аналитички прикази и наоди за поодделни земји туку овозможуваат да се види каде се наоѓа земјата во однос на другите земји од регионот. Така, прашањето за продуктивноста Светска банка го третира и во посебен сегмент на извештајот, што опфаќа многу земји и се анализира периодот 1980-2016 година. Наодите се дека „земјите од Западен Балкан имаат релативно малку капитал по работник, но и при такво ниво на капитал по работник оствареното производство е пониско од она што би можело да биде произведено (ниска е продуктивноста) и ваквиот јаз помеѓу она што би можело и она што се произведува е значаен кај земјите од Западниот Балкан. Според пресметките на Светска банка, најмалку капитал по работник има нашава земја, потоа доаѓаат Албанија и Црна Гора, па БиХ и најдобро стои Србија. Според произведеното по работник, најмалку произведува нашава земја, слична е Албанија, а повеќе останатите, најмногу БиХ. Но, имајќи предвид дека другите земји од регионов имаат повеќе капитал по работник од нас тие имаат и поголем потенцијал за поголемо производство, па следствено кај нив јазот помеѓу она колку произведуваат и колку би можеле да произведат е поголем одошто во нашиот случај.

Како да се зголеми продуктивноста и да се достигне потенцијалното производство е следното логично прашање на Светска банка? Нејзиниот одговор е доследно да се реализираат структурните реформи, вклучително јакнење на институциите што се грижат за владеењето на правото, борба против корупцијата, мерки за подобрување на човечкиот капитал, итн.

Прашањето би го разложил на неколку делови. Продуктивноста може да се подобри ако се зголеми ефикасноста во работењето на постојната работна сила. Тоа бара драстично и од корен реорганизирање на образовниот систем во земјава, во сите негови сегменти. На краток рок, премостување може да се направи со фокусирани обуки и едукативни форми како што е дуалното образование. На средбата со министерката за финансии во Стопанската Комора на Македонија деновиве беше посочено дека фирмите имаат даночни обврски поврзани со обуките. Доколку е тоа така тогаш фискалните власти треба да ги направат сите потребни чекори што ќе олеснат обучувањето на работната сила.

Продуктивноста може да се зголеми и со зголемување на нивото на капитал по работник во производството. Тоа значи повеќе и подобра опрема, машини, технологија. Во тој контекст, важна е правната рамка со Законот за поддршка на инвестиции и поддршката за приватниот сектор од Фондот за иновации и технолошки развој. Тоа се канали на поддршка што се поврзани со конкретни ефекти и треба да се ефектуираат во рамки на добро осмислена државна индустриска политика. Во секој случај, треба да постои можност компаниите да бидат поддржани за активности што на крајот значат зголемена продуктивност, бидејќи само така може да се одржи конкурентноста на македонската економија на долг рок.

Патем, најновиот извештај на Светска банка се осврнува и на опасностите што произлегуваат од случувањата на глобалната економска сцена. Банката истакнува дека растот на глобалното индустриско производство е речиси преполовен во однос на почетокот на 2019 година. И, банката проценува дека веројатноста е околу 20% глобалниот економски раст во 2020 година да биде најмалку еден процентен поен понизок од тоа што е проектирано во моментов. Тоа е висока веројатност за така значително можно забавување на растот.

Ова значи дека опасноста за глобалната економија е реална. Логично, македонската економија не е исклучена. Секоја компанија/сектор што извезува е изложена на тој ризик. Забавен економски раст во светот или уште полошо, рецесија, ќе ја намали побарувачката за македонски извозни производи, а со тоа и домашното производство. Како што е истакнато и во мои претходни текстови, компаниите од земјава што произведуваат за светската автомобилска индустрија имаат зголемен ризик, но опасности има и за компании што извезуваат основни производи, суровини, репроматеријали, чии што цени се формираат на соодветни берзи. Таков е на пример случајот со извозот на метали и сл. Берзите се многу чувствителни на промени кај побарувачката или понудата. Намалената побарувачка ќе ја намали цената на металите, со опасност таа да падне под нивото на исплатливост на производството.

Глобалните трговски војни се друг фактор што може неповолно да влијае на македонскиот извоз. Тие не се исцрпуваат само со затегнатите трговски односи помеѓу САД и Кина, имаат свој одраз и врз трговските односи помеѓу САД и ЕУ, најголемиот трговски партнер на земјава. Секоја новововедена давачка на европските производи што се продаваат во САД ќе ги направи тие производи поскапи за потрошувачите, што значи помалку ќе се продаваат и следствено, произведуваат. Сите што учествуваат во производството на европските производи ќе ги почувствуваат последиците. Се разбира, сето ова би можело да изгледа многу пооптимистички со договор за значително намалување на опфатот на новововедените трговски давачки меѓу САД и Кина. Тоа би значело релаксирање на глобалните трговски односи, зголемување на оптимизмот за светскиот економски раст и, за многумина влијателни најважно, спречување на големи турбуленции и пад на вредноста на акциите на берзата во Њујорк. 2020 година е изборна година во многу делови од светот. Има надеж.

(Авторот е Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања)

Извор: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...