Светската глобална мрежа www бара начин како да се справи со растечките проблеми

На крајот на 2018 година, половина од светското население беше онлајн, додека другата половина се мачи да добие пристап.

358

На зрела возраст од 30 години и користен од половина од планетата, World Wide Web (Светската глобална мрежа) се соочува со растечки проблеми како говорот на омраза, загрозена приватност и државно спонзорирано хакирање, вели нејзиниот креатор и бара мрежата да се подобри во корист на човештвото.

Тим Бернерс-Ли го даде оригиналниот предлог во Европската организација за нуклеарно истражување (ЦЕРН) на 12 март 1989 година. Тоа го отвори патот кон технолошка револуција што го промени начинот на кој луѓето комуницираат, разменуваат идеи, купуваат стоки и добиваат информации.

Но, www исто така стана и место во кое технолошките гиганти собираат лични информации, владите шпионираат и се мешаат во избори, а царуваат говорот на омраза и навредите – сето тоа е далеку од целта поради која беше формирана мрежата – како место за соработка на напредно ориентирани луѓе.

На крајот на 2018 година, половина од светското население беше онлајн, додека другата половина се мачи да добие пристап.

Говорејќи на конференцијата во седиштето на ЦЕРН, „Web@30“, Бернерс-Ли оцени дека чувството кај многу луѓе кога ќе се вклучат на мрежата е: „Опаааа! Оваа мрежа не е мрежата што ја посакувавме во секој поглед!“

Неговата фондација наречена „World Wide Web“ сака да ги натера владите, компаниите и граѓаните да преземат поактивна улога во обликувањето на мрежата за добри цели водени од принципите наведени во „Договорот за мрежата“.

Во тој договор се бара од владите да им овозможат на сите непречено поврзување на интернет, тој да биде достапен и да се почитува приватноста. Компаниите треба да го направат интернетот ценовно достапен, да ја почитуваат приватноста и да развијат технологија што на прво место ќе ги стави луѓето и јавното добро. Граѓаните треба да креираат и да соработуваат и притоа, меѓу другото, да го почитуваат „цивилниот дискурс“.

Раѓањето на http

Конференцијата во Женева ги собра на едно место интернет и технолошките експерти, но и му даде нова шанса на ЦЕРН да ја промовира својата репутација како отворен инкубатор на идеи. Бернерс-Ли работел таму во втората половина на 80-тите години на минатиот век и се обидувал да го надмине јазот во комуникацијата и документацијата меѓу различните компјутерски платформи.

Како млад софтверски инженер, дошол на идеја за изработка на протокол за трансфер на хипертекст (hypertext transfer protocol или http), со што е поставена основата на интернет-мрежата.

Системот http им овозможи на текстот и малите фотографии да бидат пренесувани преку софтвер – првиот пребарувач што Бернерс-Ли го претстави во 1990 година и се смета за почеток на мрежата. Во пракса, пристапот до пребарувачот од домашен компјутер првпат го направи интернетот лесно достапен на потрошувачите.

Оттогаш, Бернерс-Ли стана еден вид татко на интернет-заедницата, беше прогласен за витез од кралицата Елизабета Втора и магазинот „Тајм“ го избра за еден од најважните личности на 20 век.

Загриженоста за правецот во кој оди интернетот ја делеа и други панелисти на конференцијата, особено во делот на контролата на интернетот од страна на големите корпорации и судирите во киберпросторот меѓу државите.

– Предизвиците доаѓаат од истото место што ја прават мрежата прекрасна и тоа е тешкотијата, изјави Зејнеп Туфекчи, професорка на Универзитетот во Северна Каролина. – Отвореноста е прекрасна, поврзаноста е прекрасна, исто така и фактот дека беше креирана како мрежа за академици кои имаат доверба едни во други – вели таа.

Но, сега на мрежата „има огромна централизација, а неколку големи играчи стануваат нејзини чувари“.

– Тие неколку големи играчи практично изградија машини за надзор. Сето е базирано на набљудување што нѐ профилира и потоа нѐ таргетира за реклами, а тоа воопшто не беше оригиналната идеја – изјави Туфекчи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...