СВЕТОТ ВО 2019: Косово – Такса кон Србија, судир со сојузниците, ОВК на суд, маратонско броење гласови…

66
FOTO MIA

Таксата! Тоа беше најчесто употребуваниот збор во јавната, и не само јавната, комуникација во Косово во текот на цела 2019 година. Се разбира, станува збор за данокот од 100 отсто кој на крајот од претходната година го воведе владата на Рамуш Харадинај на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Директен повод за воведување на таа такса беше попречувањето од страна на Србија на приемот на Косово во светската полициска организација Интерпол, но и другите постојани блокади на меѓународен план. Во образложението на одлуката се набројуваа и кампањите на Белград против косовската државност, како и пречките што косовските бизниси, но и граѓаните, ги имаат во контактите со српските власти – недозволување на влез и премин преку српска територија на стоки со декларации „мејд ин Косово“, проблеми со регистерските таблички на возилата од Косово, малтретирање при влез во Србија на косовски Албанци, но и на Срби кои не се истомисленици со партијата Српска листа, која е отворено поддржана од српските власти, и така натаму.

Притисоците за укинување на таксата и упорноста на Харадинај

Првичната најава на Харадинај и неговите министри беше дека таксата ќе остане во сила се додека српските власти, на чело со претседателот Александар Вучиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, не престанат со агресивната кампања за повлекување на признавањата на косовската независност од страна на одредени држави. Подоцна ставот еволуира до тоа дека таксата нема да се укине се додека Србија и Босна и Херцеговина не ја признаат независноста на Косово.

Одговорот на Белград беше прекинување на контактите со Приштина и суспендирање на преговорите што се одвиваа во Брисел со посредство на Европската унија (ЕУ) за изнаоѓање решение за споровите меѓу двете земји. Набргу потоа и партијата на косовските Срби, Српската листа, ги прекина односите со централните власти во Приштина, нејзините градоначалници во четири општини со мнозинско српско население во северно Косово поднесоа оставки, беа организирани протести, како и бојкот на косовските производи во тој дел од земјата. Иако во ниеден момент не ги повлече своите министри, заменици министри и советници од кабинетот на Харадинај, СЛ објави дека во Собранието во иднина ќе делува како опозиција и им ги понуди гласовите на своите десет пратеници на опозициските партии на Албанците за да го урнат Харадинај. Двете најголеми опозициски партии, Движењето Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) ја одбија понудата, порачувајќи дека нема да ја уриваат владата „со помош од Белград“.

Веднаш по воведувањето на таксата уследија реакции и од Брисел и одделни членки на ЕУ, со барање до Харадинај да ја преиспита одлуката, за да може да продолжат преговорите за нормализација на односите меќу двете земји. Откако на таквите повици се приклучија и Соединетите Американски Држави, кои преку нивната Амбасада во Приштина и преку емисари од Стејт департментот побараа привремено суспендирање на таксата со цел да се одмрзне дијалогот, со истото барање се огласи и претседателот на државата Хашим Тачи. При тоа, треба да се има предвид Тачи веќе беше во неколкумесечен спор со Харадинај поради неговото барање за „корекција на границата“ во преговорите за изнаоѓање решение за споровите со Србија, на што премиерот остро се спротивставуваше.

Таксата стана повод и за расколот меѓу коалиционите партии во косовската влада, затоа што за нејзина суспензија се заложи и поранешната партија на Тачи, Демократската партија на Косово (ПДК). Актуелниот лидер на ПДК и тогашен собраниски спикер Кадри Весели тврдеше дека санкциите кон Србија ја постигнале својата цел, го свртеле вниманието на меѓународната заедница на проблемите кои ги предизвикува Белград и дека треба да се суспендира на неколку месеци, за да се даде шанса на дијалгот. Високи претставници на таа партија најавуваа и гласање недоверба на Харадинај, поради штетите што ги нанесува на Косово со неприфаќањето на барањата на нејзините меѓународни сојузници, пред се на САД.

Штетите на Србија, македонскиот „бенефит“ од таксата и македонско-косовскиот трговски „блиц-криг“

Ниедно од барањата за укинување на санкциите на српскиот увоз, ниту предупредувањата од меѓународните сојузници и заканите од коалиционите партнери не го поколеба Харадинај и тој остана упорен во задржувањето на таксата, порачувајќи дека слободно може да биде сменет од премиерската функција, но одлуката ќе остане. Така, таксата остана се до неговата оставка на премиерската функција во месец јули, но и потоа, како врштел на должноста претседател на Владата, функција што ја врши и во последните денови од годинава, со оглед дека победниците на октомвриските избори не успеваат да се договорат за формирање на новата влада.

На годишнината од воведувањето на таксата, на крајот од ноември годинава, српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ објави дека загубите на српската економија поради такста од 100 отсто во изминатите година дена изнесуваат околу 400 милиони евра, односно дека во тој период вкупниот српски извоз изнесувал помалку од 50 милиони, додека една година порано тој достигнал вредност од над 440 милиони евра. Според косовските официјални статистики, пак, санкциите кон Србија не се одразиле на снабденоста на пазарот или на зголемување на цените на производите, иако од Белград доаѓаа „предупредувања“ и за таков ефект.

Меѓу тие кои најмногу „профитираа“ од таксата кон Србија и БиХ, најчесто се спомнува Северна Македонија, за која и српски и косовски извори твдрат дека во споменатиот период го зголемила извозот во Косово за 50 отсто.

А, кога сме веќе кај македонско-косовските економски односи, да потсетиме на конфликтот меѓу двете земји од август годинава. Имено, на 11 август беше објавено дека македонското Министерство за земјоделство забрани увоз од Косово на икра и риба за порибување, затоа што извозниците не ја обезбедиле потребната документација за здравствена исправност на материјалот. Една недела подоцна, косовското Министерство за трговија и индустрија одговори со забрана на увозот на мед и компири од Северна Македонија. Спорот беше решен откако на 5 септември се сретнаа претставници на надлежните инситуции на двете земји и, откако констатираа дека се надминати проблемите од обете страни, ги укинаа забраните.

Автопатот „Арбен Џафери“

На тема Косово и регионот, секако треба да се спомне и заршувањето на изградбата и пуштањето во употраба на автопатот „Арбен Џафери“, кој ги поврзува косовскиот главен град со границата со Северна Македонија, односно до граничниот премин Блаце.

Станува збор за автопат во должина од 65,5 километри, на кој се наоѓа најголемиот мост на Балканот, долг седум километри, а целиот проект, кој се изведуваше неколку години, го чинеше Косово околу 700 милиони евра.

Меѓу бројните гости, на свеченоста на 29 мај во косовскиот пограничен град Генерал Јанковиќ, беше и делегација од Северна Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев, кој најави дека и нашата држава ќе ги забрза работите на изградбата на автопатот од Блаце до Скопје.

Македонскиот премиер рече дека автопатот „Арбен Џафери“ е своевидна „награда за трпеливоста и за бројните врски што ги имаат Косово и Република Северна Македонија на секој план“.

– Овој ваш потфат го сметаме за наш и ние во Северна Македонија. Овој пат од денеска ќе стане сообраќајницата која ќе овозможи најсовремен, најбрз и најбезбеден проток на стотици илјади автомобили, граѓани и на други транспортни средства, кои обезбедуваат Косово да биде меѓу првите топ 20 земји со најголем обем на трговска размена со Република Северна Македонија, вредна повеќе од 500 милиони евра, рече Заев.

Активирањето на меѓународниот „Суд за ОВК“

Процес кој ја одбележа целата косовска 2019 година, предизвикувајќи бранувања во јавниот и пред се политичкиот живот на земјата, секако е почетокот на работата на меѓународниот Специјален суд за воени злосторства во Косово, познат во јавноста како „Суд за Ослободителната восјка на Косово“. Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.

Формалната работа оваа меѓународна правна институција со седиште во Хаг, формирана со закон изработен од Брисел и усвоен од Собранието на Косово во август 2015 година, започна во јануари 2019 година, со поканите упатена до 11 поранешни команданти и припадници на ОВК.

Во наредниот период, до денес, покани да се јават пред обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, добија над 200, според некои медиуми и до 300, поранешни водачи или други припадници на ОВК. Речиси сите одговорија на поканите, порачувајќи едногласно дека во Хаг ќе ја докажат вистината за чистотата и исправноста на борбата на ОВК и дека судот врши неправда кон Косово, затоа што Србија е таа која изврши воени злосторства и се уште не оговарала за тоа.

Една од последиците на активноста на „Судот за ОВК“ беше и оставката на премиерот Харадинај, по што беа одржани вонредните парламентарни избори на 6 октомври, на кои победи досегашната опозиција, а партиите од власта го признаа поразот и преминаа во опозиција.

Откако на 19 јули објави дека добил покана да се појави пред обвинителите во Хаг како некогашен командант на ОВК осмомничен за воени злосторства, Харадинај поднесе оставка,порачувајќи дека пред трибуналот сака да се појави како граѓанин, а не како премиер на Косово. Според него, појавувањето пред трибуналот како претседател на Владата на Косово би претставувало „лош преседан“ и би можело да го загрози суверенитето на државата.

Меѓу звучните имиња кои беа повикани и интервјуирани во Хаг се и претседателот на првото повоено Собрание на Косово Јакуп Красниќи и спикерот на последниот собраниски состав, Кадри Весели, кој не откри дали бил повикан во својство на сведок или на осомничен.

Косовските, како и српските, медиуми шпекулираат дека на листата на лицата кои ќе бидат повикани во Хаг, меѓу другите, е уште еден од основачите и командантите на ОВК – претседателот на државата Тачи, но тоа се уште се нема случено.

Патот до вонредните парламентарни избори

По оставката на Харадинај, претседателот Тачи се обиде да го спречи одржувањето на предвремени парламентарни избори и се заложи за формирање техничка влада, која конечно не би ја водел неговиот политички ривал и жесток противник, нарочито во однос на водењето на преговорите со српскиот претседател Вучиќ. Меѓутоа, оваа иницијатива ја одбија сите парламентарни партии, вклучително и ПДК, која ја формира и ја водеше самиот Тачи се до изборот за претседател на државата.

А, еве како течеа, во кратки црти, настаните, до изборите кои се одржаа на 6 октомври:

По одлуката на Харадинај да ја воведе таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), иако продолжи да учествува во Владата со министри, заменици и советници, реши да делува опозициски и ги понуди своите гласови на албанските опозициски партии за уривање на Харадинај.

Последица на губењето на десетте гласови од СЛ беше постојаното „кубурење“ со потребното парламентарно мнозинство на коалицијата која ја сочинуваа Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Харадинај, ПДК на собранискиот спикер Весели, Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај и Алијансата ново Косово (АКР) на вицепремиерот и шеф на дипломатијата Беџет Пацоли. Последица на ваквите околности беше честото откажување на собраниските седници и неможноста да се усвојат голем број закони.

Ситуацијата значително се искомплицира и внатре меѓу албанските коалициски партнери, откако се вжешти конфликтот меѓу Харадинај и претседателот на државата и основач и поранешен лидер на ПДК, Тачи, околу преговорите со Србије за изнаоѓање конечно решение за споровите меѓу двете земји. Накратко, на се позачестените заложби на Тачи за извесна „корекција на границата“ со Србија, како решение за споровите и услов за постигнување конечен договор меѓу двете држави, Харадинај се спротивстави жестоко, обвинувајќи го претседателот дека се пазари со неговиот српски колега Вучиќ, кому „сака да продаде косовска земја“.

По неуспешниот обид на Тачи да ги убеди најголемите партии од власта и опозицијата да формираат техничка влада, косовското Собрание на 22 август се самораспушти, а Тачи ги закажа изборите за 6 октомври.

Победата на опозицијата и бесконечното пребројување на гласовите

Веднаш по прогласувањето на датумот на изборите и откако Централната изборна комисија (ЦИК) објави дека 10-дневната кампања ќе стартува на 25 септември, започнаа и калкулациите на претендентите за освојување на власта за евентуални предизборни коалиции, од кои некои се реализираа, но не и онаа, која се најавуваше, на опозициските Движење самоопределување на Албин Курти и Демократски сојуз на Косово (ЛДК) на Иса Мустафа.

Официјално, кампањата за изборите што се одржаа на 6 октомври траеше десет дена, од 25 септември до 4 октомври на полноќ, кога настапи изборниот молк кој траеше до затворањето на гласачките места в недела, во 19 часот. Меѓутоа, реално, политичките партии почнаа да се мобилизираат за избори речиси во истиот момент кога Харадинај, на 19 јули, поднесе оставка.

Што се однесува до однесувањето на учесниците на изборите – освен вербалните препукувања речиси од секого кон секого – барем кога се работи за големите партии и коалиции – кампањата, како официјалната така и онаа неофицијалната, помина прилично мирно, исто како и самиот ден на гласање. Така, генерална оценка од сите – учесниците, набљудувачите, странските мисии, невладиниот сектор, медиумите… – беше дека ова беа најдобро организирани и најфер избори одржани во Косово, а и пошироко – во регионот.

Истата вечер, неколку часа по затворањето на гласачките места, беа објавени првичните резултати, според кои најмногу гласови доби ВВ на Курти. Втор беше исто така до тогаш опозицискиот ЛДК на Мустафа, трета ПДК на Весели, а четврта ААК на Харадинај.

Коалицијата на другите две партии од дотогашната власт, Нисма на Лимај и АКР на Пацоли, се до последниот момент беа на работ на цензусот од пет отсто освоени гласови, за на крајот ЦИК да објави дека ќе има 6 пратеници во новото Собрание. По бројните поплаки до разните правни инстанци, кои резултираа со нови и нови пребројувања на гласовите, како од дијаспората, така и на голем број гласачки места во земјата, по кои коалицијата Нисма – АКР час беше надвор, а час во Парламентот, речиси месец и половина по денот на гласањето, ЦИК објави дека таа коалиција освоила 0,002 отсто гласови над прагот од пет отсто.

Според конечните резултати, ВВ во новото собрание има 29 пратенички места, ЛДК 28, ПДК 24, ААК 13 и Нисма – АКР 6. Сите десет загарантирани со устав и закони, гласови за претставниците на српската заедница во Косово ги освои, со нескриена и агресивна поддршка од Белград, Српската луста, а исто толку гласови во 120-членото Собрание освоија и претставниците на шесте помали етнички заедници – Турците, Бошњаците, Ромите, Ашкалиите, Египќаните и Горанците.

Тешките преговори за формирање на влада меѓу Курти и Мустафа

И покрај големото одолговлекување со објавувањето на конечните резултати, уште ноќта по затворањето на гласачките места беше јасно дека победници на седмите парламентрни избори од завршувањето на војната во 1999 година се ВВ на Курти и ЛДК на Мустафа. Единствено во првите неколку часа не се знаеше која од тие две партии ќе биде прва, а која втора. На крајот, по сета одисеја со броењата, пребројувањата, поништувањата и признавањата на гласовите, испадна дека прва е ВВ со 26,27, а ЛДК втора со 24,54 отсто од освоените гласови, што резултира со едно пратеничко место повеќе за партијата на Курти.

Според предизборниот договор на овие партии, иден челник на заедничката влада ќе биде носителот на листата на партијата што ќе победи, макар и со еден глас повеќе. Тоа автоматски значеше дека постои согласност од ЛДК премиер да биде Курти. Веднаш почнаа договарањата за програмата на идната влада и за поделбата на министерските ресори, за што работните групи на двете партии по неколку состаноци постигнаа договор.

И, додека се очекуваше дека ќе бидат надминати и неколкуте дилеми, за кои се зборуваше во јавноста, околу поделбата на ресорите во владата, речиси сосема неочекувано се појави проблем кој стана речиси ненадминлив: Второрангираната на избори ЛДК побара идниот партнер во власта да ѝ го гарантира местото на претседател на државата, откако во март 2021 година ќе му истече мандатот на сегашниот претседател Хашим Тачи. ВВ овој услов не го прифаѓа, барајќи за тоа да се разговара кога ќе дојде време, додека ЛДК не отстапува од барањето.

Меѓутеничките односи

Воведувањето на таксата на српски производи, што практично значеше речиси целосно запирање на увозот од Србија, видно ги залади и онака лошите српско-албански меѓуетнички односи во земјата. Меѓутоа, тоа не беше единствениот проблем на тоа поле.

Ситуацијата стана потенцијално запалива, а беа регистрирани и неколку инциденти меѓу месното население и полицијата, по неколкуте акции на специјалните сили на косовската полиција во северниот дел на земјата, населен со мнозинско српско население. Во најголемата таква акција, спроведена утрото на 28 мај во општините со мнозинско српско население беа уапсени околу 30 лица, повеќето припадници на косовската полција, осомничени за организиран криминал, шверц, злоупотреба на службената должност и други кривични дела. Уапсените главно беа лица од српска националност, но имаше и неколку Албанци кои соработувале со нив во криминалните активности.

Акцијата предизвика реакција на локалните срби, кои се спротивставија на полицијата, при што еден нејзин припадник беше и ранет. Меѓу приведените поради спречување на службените лица во извршување на задачите беа и двајца припадници на мисијата на Обединетите нации во Косово, УНМИК, еден Русин и еден локален Србин. Уследи дипломатска нота од Русија со барање за ослободување на нејзиниот државјанин, кого подоцна премиерот Харадинај го прогласи за персона нон грата, поради „дејствијата против уставниот поредок на Косово, универзалните вредности, мирот и стабилноста“.

На сите акции на косовската полиција во местата со мнозинско српско население, вклучително и оние за апсење на осомничените за убиството на политичарот Оливер Ивановиќ, што се случи во јануари 2018 година, официјален Белград и Српската листа реагираа со обвиненија дека Приштина ги презема дејствата со цел да го заплаши српското население и да предизвика нејзино иселување од Косово.

Обвиненија против осомничените за убиството на Ивановиќ

Во минатиот период, од убиството на Ивановиќ, беа изведени и неколку акции за апсење на осомничени за убиството на Ивановиќ, меѓу кои повеќето полициски службеници од српска националност.

Последната таква акција беше спроведена во раните утрински часови на 16 октомври, при што беа приведени двајца полициски службеници и синот на третиот локален полициски функционер, кој не беше пронајден и по кого и натаму се трага.

Конечно, на 2 декември годинава Специјалното обвинителство на Република Косово подигна обвинение пред Специјалното одделение на приштинскиот Основен суд против шест лица, од кои тројца се во притвор, а против другите е издадена меѓународна потерница.

Во соопштението на Обвнинителството се наведува дека обвинетите се товарат за кривичните дела „Учество или организирање на организирана криминална група“, „Злоупотреба на службената должност и овластување“, „Помош во извршувањето на кривичното дело Тешко убиство“, „Неовластено поседување оружје“, „Откривање службена тајна“, „Злоупотреба на службената должност во соизвршување“ и „Манипулирње со докази во соизвршување“.

– Лицата Н.С., М.Р. и Р.Б., кои се наоѓаат во притвор, како и М.Р, З.В. и Ж.Б., кои се во бегство и за кои надлежен суд објави налог за приведување и меѓународна потерница, дејствувале како организирана криминална група со структура и хиерархија, со формално определени улоги, криминална група која не е формирана случајно, туку дејствува од 2011 година наваму, раководена од лицата З.В. и М.Р., кои се во бегство (…) при што дејствијата на оваа група резултираа со убиството на Оливер Ивановиќ, откако истите претходно му го запалија автомобилот, соопшти Специјалното обвинителство.

Приштинските медиуми објавија дека сите шест обвинети се припадници на српската етничка заедница во Косово.

Според приштинските власти и медиумите, главните осомничени се засолнети во Србија и се под заштита на властите во Белград, кои се обвинуваат дека се обидуваат на секој начин да спречат да се открие вистината за убиството на Ивановиќ. Како што може да се очекува, истите обвиненија доаѓаат и од Белград на сметка на Приштина.

Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби, беше убиен на 16 јануари 2018 година во Северна Митровица, недалеку од неговиот дом, пред седиштето на неговата партија – Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...