Нема заедништво во однос на ритуалите, празниците и обичаите. На едната страна некогаш се пројавува милитантен атеизам, на другата страна напати се практикува магиски однос кон христијанските празници, пишува Кица Колбе за Доче Веле.
Сликата за празникот или за неделата, како ден полн со светлина, во моето паметење не потекнува од последните години. Кога славењето на празниците се претвори во симфонија од светилки и украси. Светлината на празникот, која јас ја паметам, е многу различна од блесокот на конзумот во божиќно украсените излози. Иако и сето тоа има своја убавина и смисла. Сликата која се појавува во мојот ум при помислата на празници потекнува од моето детство. Тогаш празниците се празнуваа во скромност. И сепак, токму тогаш се обликуваше моето чувство за значењето на празниците. Тоа беше во раните педесетти. Притоа не мислам на социјалистичките празници, кои се одбележуваа со паради и пароли за светла иднина, додека од звучниците гласно одекнуваа револуционерни песни. Секако, таа официјална иконографија на празниците во социјалистичката стварност имаше улога на кит што требаше да го јакне зедништвото.
Мојата слика, пак, за светлината на празниците асоцира една друга стварност во тоа време, поинаква од парадите. Таа стварност беше длабоко приватна, тивка и невидлива за другите. Таа се пројавуваше во чувството за празниците кое ми го пренесоа моите егејски роднини. Чувството за светлината на празниците ми го оставија во наследство мајка ми и моите баби. Родена сум во семејство на егејски бегалци, кои, за да го спасат голиот живот, напуштија во еден миг сѐ што поседуваа со генерации. Со себе го понесоа само паметењето на поранешниот живот во Грција. Во семејното паметење суштинска улога имаа ритуалите и традицијата. Особено за мојата прабаба по мајка, Софка Шарина, која при бегството имаше 78 години. А почина во Скопје на 98 години! Позната и почитувана заради нејзината мудрост во речиси целата Костурска околија, таа во крајно скромниот, сиромашен бегалски живот, продолжи да ги одбележува сите црковни празници, ритуали и обичаи. Кога ќе се разбудеше, прво кажуваше кој „светец“ се слави тој ден. Ги знаеше напамет сите празници во црковната година. Беше верник во најдобрата смисла на зборот.
Оти таа својата христијанска вера не му ја наметнуваше никому, туку самата со своето однесување им беше пример за тоа што значи милосрдност, христијанска љубов и слобода од секакви предрасуди. Средбата со секој човек за неа беше чудо и празник. Секого го дочекуваше широкоградо, како да е најмилиот гостин. Во моето паметење на празниците од најраното детство, особено на Велигден, прабаба ми има централно место. Мајка ми ѝ се восхитуваше и од неа ја учеше важноста на ритуалите. Читајќи неодамна една студија на германската професорка по литература Алајда Асман, која заедно со својот сопруг Јан Асман пред повеќе од десет години ја разработи теоријата на културалното паметење, во која таа укажува на важноста на ритуалите на паметење за секое општество, се потсетив на тоа дека јас нивната важност ја научив уште во детството. Од прабаба ми и од мајка ми! Особено во егејскиот бегалски живот, празниците нудеа цврстина и ред, во животот кој најчесто се одвиваше во целосна сиромаштија. Празниците потсетуваа дека најважното не може никогаш да се изгуби. Дека тоа се носи со себе преку сите граници. А најважното за моите роднини-бегалци беше милосрдноста, чувството за припадност на фамилијата и човечкото достоинство. „Кога ќе заминеме од овој свет, најважно е дали луѓето ќе нѐ паметат по добрина“, ми велеше прабаба ми, додека одев со неа кај соседите, особено кај старците, кои немале кој друг да ги „испере и закрпи“.
Сите денови не се исти
Празникот, нам, на децата, нѝ покажуваше дека сите денови не се исти. Неделата, на пример, не беше обичен ден. Утре е недела, за моите роднини значеше – утре е празник! Тие бегалската одаја ја суредуваа, миеја и чистеа уште од саботата навечер. Моето најрано паметење е како мајка ми од најевтиното бело памучно платно шие чаршаф за масата. Го шиеше на рака, затоа што уште немаше машина за шиење. За во недела и за празник, постојано го штиркаше. Мајка ми стануваше многу рано секоја недела и на секој празник. „За да си го фатам со време редот во денот“, велеше. Таков ред во денот таа, всушност, имаше секој ден. Затоа мислам дека таа во неделата и на празниците стануваше рано од радост. Никој толку не се радуваше на празниците, како мајка ми! Јагнешкото печено, за Велигден, го ставаше во рерната уште во мугрите. За да биде велигденскиот ручек навреме готов, оти не се знаеше кога ќе стигнат гостите. Татко ми имаше именден на вториот ден од Велигден. Секоја недела мајка ми облекуваше еден од малкуте фустани „за добар ден“. Тоа значеше, фустани за празник. Потоа ги ставаше обетките и бисерното ѓерданче, што го беше добила за венчавката од вујко ѝ од Америка. Мајка ми секогаш беше убава, ама најубава беше на празник и во недела. Таа секогаш зрачеше животна радост. Ама на празниците нејзината радост пребликнуваше, беше вруток што нѐ обземаше сите. Тоа нам, на децата, уште посилно нѝ сугерираше дека неделата не е обичен ден, дека празникот крие во себе чудесна тајна порака. Особено спокојот и свеченоста на неделата во моето бегалско детство, за мене и ден-денес е извор на животна радост.
Доволно е да помислам на мајка ми среде големата одаја, крај железниот шпорет, и да ја почувствувам убавината на неделата како симбол за надеж. Постарите жени напати во неделите изутрина одеа во црквата во селото Маџари. Мајка ми ретко одеше со нив. Заради обврските со нас, малечките деца. Ама дури кога таа почина, сфатив дека мајка ми од секоја недела правеше свечен чин, со кој му благодареше на Бога за сѐ во животот. Служејќи им со целосна предаденост на сите што го сочинуваа нејзиниот живот. Моите егејски роднини раздаваа широкоградо љубов. Затоа што имаа доживеано големо страдање. Во неделата, за Божик и Велигден, за Св. Никола, за Св. Наум, за нив времето застануваше! И блескаше со светлина и радост. Тие тогаш беа со сите, кои останаа дома, во Грција. Живи или починати. Сиот живот, сето секојдневие во егејската дијаспора беше паметење и ритуал. Ритуали на тагувањето и жалењето и ритуали на радоста и благодарноста. Моите баби живееја од социјална помош. Ама на празниците тие беа богати и го делеа на празничната трпеза со роднините и гостите последното парче леб.
Нема подобар начин децата да се научат на социјална емпатија, на чувство на одговорност за фамилијата и за заедницата, од празниците кои имаат голема симболичка моќ, како Божик, како Прочка и Велигден. Прабаба ми Софка на Велигден нѝ го даруваше првото црвено јајце како да нѝ дарува нешто најскапоцено. А на Прочка таа долго амкаше со нас децата, седнати на земјата во круг околу неа, со јајце врзано на конец. А среќник беше тој од нас, кој ќе успееше да го фати в уста, без притоа да го скрши. Никогаш не го заборавив тој „адет“ на прабаба ми. Како што никогаш нема да ги заборавам ниту ритуалите за „Пендикости“, како што роднините го викаа празникот Педесетница или Духови, кога во саботата пред празникот, ни даруваа бардачиња со вода, украсени со мирислив ситен трендафил и со првите цреши. Дури подоцна дознав дека моите навидум неуки баби, сочувувајќи го тој ритуал, ја повторуваа секоја година симболиката за Светиот Дух – како благоухание и жива вода, како благост и живот.
Расцеп
Во денешната македонска културна јавност, како и во политичката, постои длабок расцеп. Можеби тоа е затоа што македонското оштество е многу мало, во кое секој секого познава. Така е многу лесно од Другиот да се создаде непријател, како во скараните фамилии. Дребноста на македонската заедница за неа не мора засекогаш да остане проколнатост на расцеп. Таа може да стане и голема предност, ама за тоа е потребна мудрост, скромност и достоинство. Засега од фактот дека во Македонија секој секого познава произлегуваат само негативни особини. Провинцијален дух, нетрпеливост, омраза и завист, неспособност за визија за заедништво. Затоа не е чудно што не постои заедништво ниту во однос на ритуалите, празниците и обичаите. На едната страна, особено кај „левата” интелигенција, понекогаш се пројавува милитантен атеизам од речиси болшевистички тип, кој има отпор кон секакви христијански ритуали на паметење и заедништво. На другата страна, кај „десните“, напати се практикува магиски однос кон христијанските празници. Не постои разумна мерка во почитувањето на ритуалите на паметење и културата на празниците. Многу важни нешта се занемаруваат, а некогаш на неважни нешта се реагира со ектремна одбивност. Можеби затоа ретко некој ритуал на паметење во Македонија се одвива автентично и достоинствено, од славењето на Илинден до славењето на Божик. Тоа значи дека општеството не создава вистинска култура на паметење и свест за значењето на ритуалите и местата на паметењето. Тие, пак, се темелот на заедништвото.
Божиќните празници го слават Христовото раѓање. А неговото празнување, ако е автентично и во духот на Евангелието, треба да обединува, а не да разединува. Треба да учи на милосрдност и мир. Божик е време за преобразба на животот, за нов почеток. Секако, мирот и светлината на тој празник не се непосредно видливи. Ама тие се чувствуваат, ако успеат да ги преобразат срцата на тие што празнуваат. Тогаш тие, особено кога се деца, ќе ја запаметат засекогаш сликата за светлината на празниците, како што ја запамтив јас. И ќе ја поврзуваат постојано со паметење од љубов на тие, кај кои првпат ја доживеале.