Август навршува, деновите стануваат пократки, ноќите поладни, а мене сѐ уште ме фаќа анксиозност од помислата дека иде 1 септември.
Иако сум 23 години, пред дипломирање (има време, хехе), години подоцна јас чувствувам страв од истиов датум. Имав потешкотии со учењето, да. И уште ги имам. Чудно ми беше како може некој толку брзо да запомни најпроста дефиниција, а мене за тоа ми требаше време и време; како може некој толку течно да чита, а мене зборовите ми шетаа по учебниците; како може некој да не ги меша буквите дури пишува, а тетратките мои целите беа чкртаници… Во средно дознав дека имам дислексија.
Ама, сепак, тоа не беше причината да мразам да одам на школо. Бев мирно детенце, повлечено, исплашено. Од некоја причина бев ептен слабичко, колку и да јадев. Сакав ликовно. Имав еден најдобар другар, и мнооогу женски другарки. Фудбал и секој друг спорт ми беа шпанско село. Физичко мразев.
Секојдневно малтретирање
И така, тоа беа доволно причини за моите врсници да ми вршаат булинг. Скоро секој ден јас бев малтретиран во школото. Психички и физички. Скоро секој ден моите врсници наоѓаа причина да ме удрат, или да ми кажат некои погрдни зборови. Од прво до осмо одделение трпев психо-физичка тортура во училниците.
Не можам да ви опишам колку мразев да одам на школо. И колку се мразев самиот себе. И колку бев немоќен да преземам нешто. А знаете ли што беше најжално? Секој ден се жалев на учителката, секој ден се жалев на класната. Потоа следниот ден, пак беше исто. Ги викаа настрана да разговарат, ама џабе. Педагогот и психологот во школото беа за украс. Фигури затворени во канцелариите на кафе муабети.
На никого не му беше гајле за менталниот развој на детето. На никого не му беше гајле дали едно малолетно момче ќе си оди дома истрауматизирано и исплашено и понижено и малтретирано. Нѐ учеа дека околината го формира карактерот на човекот дури е мал, но на никого не му беше гајле за тоа… Битно беше да се одржува просекот на учениците – деца на родители со повисок социјален статус во општеството: доктори, заболекари, газди на фирми, бизнисмени…
Преземете одговорност!
И така, после многу години, јас прв пат проговорувам јавно, на фејсбук статус, за моите тегоби што ги трпев дури растев. Не можев ни дома на моите да им кажам. Страв ми беше. Ама да знаете, им простувам на моите врсници. И после многу многу години, I can not hold grudge. Сега кога сум позрел, сфатив дека тие не беа виновни што ме малтретираа мене, туку нивните родители. Децата (но не и секогаш), се одлика на нивните родители. Родителите се виновни и секогаш ќе бидат виновни за односот на нивните деца спрема околината.
Гледам, луѓе од моја генерација почнуваат да стануваат родители. Па ве советувам да си ги воспитате децата со љубов, а ако има семејно насилство, дали врз детето од вашиот брачен другар, дали помеѓу вас – пријавете, во никој случај не дозволувајте вашето дете да трпи такво нешто, а отпосле да го истура гневот во школото врз некое мирно дете. Научете ги децата на љубов, научете да ги почитуваат сите, без разлика на пол, боја на кожа, етничка припадност, социјален статус…
А ако сте учител(ка), наставник(чка), професор(ка), педагог, психолог, директор(ка), ве повикувам да не бидете индиферентни спрема вакво однесување на ученик спрема ученик. Булингот е сериозен проблем. Побарајте ги нивните родители и известете ги. Булингот не е за игнорирање. Остава трајни последици. Единствената одговорност во школото не ви е да предадете лекција и да земате плата.
Преземете одговорност.
(ФБ статус на авторот, преземен со негова дозвола)