Не мислев дека вратите на Собранието некој може однатре да ги отвори и да пушти толпа луѓе во објектот, вели техничкиот премиер Оливер Спасовски во видеото насловено „27 април во прво лице“, што го направи ТВ Вис и кое ќе се емитува во четири продолженија.
– Мислев дека припадниците на МВР ќе нè заштитат. Тоа беше една разгневена толпа. Кога се симнувавме во прес-центарот по скалите, нè пречекаа триесетина лица со качулки на главите. Сашо Тасевски веднаш ги предупреди, го извади пиштолот и пукаше во воздухот – сведочи Спасовски.
И министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски даде свое видување на настаните од „крвавиот четврток“. Тој вели дека во лицата на луѓето кои насилно влегле во парламентот се гледало многу голема жед за крв, а во ликовите на останатите, пак, жед за живот.
– Нè фати страв за пратениците кои беа качени горе на галеријата, бидејќи и таму имаше толпа луѓе. Имаше и пратенички кои можеа да бидат турнати и да паднат од оградата. Во тој момент ни текна да ставиме клупи за да се симнат по таа импровозирана скала – вели Манчевски.