Сведок: Рангелова ја контролираше толпата и го провоцираше Жерновски

2076

Полицијата ништо не преземаше, демонстрантите ја искршија оградата и се мавало со јајца, шишиња, овошје и зеленчук, сведочеше меѓу другото еден од советниците од коалицијата на СДСМ во Општина Центар во 2013 година во случајот за насилните протести.

Актуелната пратеничка во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, а тогаш советничка во Центар, Даниела Рангелова, ја контролирала толпата, посочи сведокот. Таа, според него го провоцирала и тогашниот градоначалник Андреј Жерновски. Рангелова го негираше ваковото тврдење.

И Жерновски во неговото сведочење на минатите рочишта кажа дека таа го провоцирала да излезе надвор и да се соочи со народот.

Во судница сведочеше уште еден од тогашните советници кој кажа дека цел живот ќе ги памети пцовски и заканите од насилниците.

Обвинети во овој случај се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.

На претходните рочишта за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев, пак, се води одвоена постапка.

Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...