Сведок од УБК: Мијалков и Грујевски имаа компјутери поврзани со системот за прислушување

1981

Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето за масовното прислушување во случајот „Таргет-Тврдина“ на СЈО, а во судницата сведочеше Сашо Трајковски, инженер по електроника и телекомуникации, кој е вработен во УБК.

Тој сведочи по предлог на СЈО чии обвинители, меѓу другото, го прашаа и колкав бил максимумот на броеви кои можат да се маркираат во двата системи за следење, „Веринг“ и „Најс“. За првиот рече дека не може да се сети.

– Но, во врска со системот „Најс“ се сеќавам дека во самата опрема за следење на комуникации капацитетот на броеви беше 20.000 според спецификациите кои ни беа дадени. Но, со оглед на тоа дека овој систем со телеком операторите се поврзуваше преку медијациски уреди, реалниот број на максимално маркирани таргети беше 2.500 таргети со тоа што морам да напоменам дека бројот на максимално маркирани таргети на „ОНЕ“ и „ВИП“ беше 2.500, додека на „Т-Мобиле“ беше 1.200. Со оглед на тоа дека во одреден момент се достигна максималниот број од 1.200 маркирани броеви беше побарано од „Т-Мобиле“ да го зголеми максималниот број на 2.500, како што беше кај останатите оператори. Не се сеќавам колкава беше бројката на фиксната телефонија во медијациските уреди од „Сименс“ и „Алкател“ – раскажа Трајковски.

Тој објаснуваше и како се постапува при маркирање и кажа дека вообичаено маркирачите – лицата кои ги ставале броевите во системот за следење, доаѓале да внесуваат броеви напишани на лист хартија.

– Некогаш тоа биле по два или три број, а имало и ситуации кога требало да исклучат и по 20 броеви и исто толку да вклучат, барем според нивните кажување – рече сведокот, кој на прашање на СЈО рече оти само еднаш видел дека носат судска наредба.

Обвинителите од СЈО го прашаа и дали тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и началникот на Петатта управа, Горан Грујевски, кои се меѓу обвинетите, имале пристап до системите за следење.

– Колку што ми е познато и директорот на УБК и началникот имаа компјутери кои беа поврзани на системот „Најс“. Исто така, имаше кориснички имиња кои можевме да ги видиме, а кои се логираа и под чија што ознака се гледаше дека се најавуваат од просторија од четврта зграда, прв кат и од трета зграда прв кат. Првата просторија е кабинетот на директорот, а втората е канцеларијата на началникот – рече сведокот.

Помеѓу корисничките имиња за системот на следење, рече Трајковски, имало направено и група именувана „ВАЖНО“, на која, како што кажувале маркирачите, требало да бидат дадени сите броеви кои се маркираат. Во таа група биле три кориснички имиња кои, како што виделе, рече сведокот, пристапувале од кабинетот на тогашниот директор Мијалков, канцеларијата на Грујевски и од уште една канцеларија во која била началничката Надица Николиќ, исто така обвинета. Но, за неа рече тој, не е сигурен дека била во таа канцеларија сместена бидејќи колегите на спратот каде била оваа канцеларија често ги менувале канцелариите.

Сведокот кажа и какви им биле корисничките имиња во кои секоја од бројките и буквите значеле нешто, како што е која бројка на зграда, канцеларија, спрат, функција, оддел итн.

Судењето е во тек.

Трајовски е третиот сведок во овој случај, пред него сведочеа двајцата свиркачи од УБК, Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски.

Во „Таргет-Тврдина“ обвинети се поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски кој му беше шеф на кабинет, Горан Грујевски – поранешен началник на Петатта управа и Никола Бошковски – ексразузнавач, како и Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Повеќе од денешното рочиште:

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...