Сведок од обезбедувањето: Напаѓачите го газеа Села по главата

482

Игор Анакиев, вработен во одделот за обезбедување на ВИП личности, денеска сведочеше за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, лидерот на Алијансата на Албанците на 27 април 2017 година.

– Дента се наоѓав и пред вратата од прес центарот, пред да влезат, а и внатре кога влегоа. Имаше група со маски кои сакаа да влезат, но со група колеги се трудевме да не влезат, но бидејќи беа повеќе лица успеаја да влезат. Кога влегов внатре Зијадин Села се наоѓаше до ѕидот во десниот ќош од влезната врата. Конкретно кон Села не приметив напади, заканите беа кон сите пратеници- рече Анакиев.

Тој, пред судот изјави дека не го видел одделувањето на Села од групата пратеници.

– Излегов да земам вода. Кога се вратив видов дека 3-4 лица го влечат Села. Тој се уште беше на нозе, се наоѓаше негде во средината на прес салата. Во тие моменти кога влегов тој падна на земја. Имаше околу 15 луѓе околу него и почнаа да го маваат. Успеав да се пробијам, Села лежеше на земја со рацете на глава – сведочеше Анакиев.

Тој рече дека не видел некој да го заштити. Успеал да се пробие меѓу масата што го мавала и застанал кај главата на Села за да го заштити. Во тие моменти, посочи сведокот, лидерот на Алијансата на Албанците бил свесен бидејќи се обидувал да си ги заштити главата и лицето.

Сето тоа се случувало на околу еден метар од влезната врата на прес салата.

– Ги раширив рацете за да го заштитам. Но, цело време доаѓаа луѓе од надвор. Не беа константно едни исти луѓе кои маваа. Ќе удреа и ќе се повлечеа, па ќе дојдеа нови. Ударите најмногу беа со нога по телото и кој можеше да го удри по главата. По 30-40 секунди Села повеќе како да не даваше знаци на живот, престана да се заштитува, односно престана да мрда со рацете – рече сведокот.

Ударите со нога биле со шутирање и газење врз телото, но и по главата. Анакиев кажа дека не се сеќава на ниту едно лице, бидејќи погледот ми бил фокусиран кон Села за да му ја заштити главата. Никој не му се спротиставил во заштитата.

– Кога не даваше знаци на живот викав, тргнете го, ќе направиме голема белја. Неколку лица самоиницијативно го кренаа и го изнесоа надвор од салата, не знам кои беа тие лица – посочи сведокот.

Додека траело тепањето, сведокот рече дека слушал извици дека Села е паднат, и дека кој сака може да го удри. Откако го изнеле од прес салата, Анакиев рече оти не знаел што се случило со Села. Тој останал внатре да ги штити другите пратеници.

-Како е можно додека сте цело време во близина, да не се сеќавате на лицата- праша на крајот обвинителот.

На ова приговараа адвокатите, велејќи дека ова прашање е одговорено кога сведокот рече дека не се сеќава на лица бидејќи бил сконцентриран да го брани Села.

Судот ги прифати приговорите, па ова прашање на обвинителот остана без одговор.

Со сведочењето на Анакиев, заврши денешното рочиште, а судењето продолжува во среда кога се очекува да сведочат новинар, поранешен пратеник и член на обезбедувањето.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...