„Насилство во Центар“: Божиновски го терал Лазаров да ја чита книгата „Зоки Поки“

1946

Во денешното сведочење за предметот „Насилство во Општина Центар“, поранешниот координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Лазаров, кој инаку е осуден на шест месеци условна казна затвор, откри неколку интересни детали за протестите во 2013 година против рушење на темелите на црквата „Свети Константин и Елена“.

Тој истакна дека во тоа време контактирал со тогашниот генерален секретар Кирил Божиновски и со тогашниот министер Миле Јанакиески, па како што рече, двајцата барале од него да ги известува за сè што се случува во салата.

– Пристигнаа многу поддржувачи на СДСМ, а како изминуваше времето, така и тензиите се зголемуваа. Мојата улога беше да им давам информации на Божиновски и на Јанакиески – рече Лазаров.

Во меѓувреме, додава тој, пристигнале протестантите од „Веритас“ и се направила огромна галама, па невозможно било да се одржи седницата.

– Претседателот на Советот имаше цврст став дека седницата мора да се одржи, па таа заврши доцна вечерта и беше закажана во понеделникот на 10 јуни. Божиновски ме повика да му раскажам за сето она што се случуваше таму. Ми беа повторени насоките со тоа што се стави акцент за поголема масовност на протестите со што би се извршил притисок да се тргнат точките од дневен ред. И Божиновски и Јанакиески постојано беа во тек што се случува внатре во салата – сведочеше Лазаров.

Тој раскажа дека тензиите во салата толку многу се зголемиле што во опасност биле доведени сите членови на Советот.

– Кога исконтактирав со Божиновски, тој ми рече да извадам книга и да читам. Ми рече да ја читам „Зоки Поки“ и да правам сè што знам, но само дневниот ред да не биде усвоен. Тоа ми беше наредено од Јанакиески и од Божиновски. За сето она што се случуваше надвор, јас немав ниту влијание, ниту можност да го спречам – рече Лазаров.

За насилството во Општина Центар обвинети се и експремиерот Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, како и уште неколкумина советници од ВМРО-ДПМНЕ, кои на минатото рочиште рекоа дека не се чувствуваат виновни.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...