Сведок на трагедијата кај Ласкарци: Црвениот автобус ми се изгуби од вид, помислив дека возачот добил удар

598
Photo: EPA/GEORGI LICOVSKI

На денешното судско рочиште за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загина 16 луѓе сведочеше Сенад Хасани, жител на гостиварското село Долни Добри Дол кој во моментот пред да се случи трагичниот настан возел зад црвениот автобусот на „Дурмо Турс“. Хасани е прв очевидец на кобната несреќа. 

Тој со неговото возило бил оддалечен на сто метри од автобусот на средната лента на автопатот, после наплатната рампа на патот од Скопје кон Тетово.

– Во еден момент забележав како автобусот од средната лента сврте лево, како да се исклучува од автопатот. Возев со брзина од осумдесет до деведесет километри на час. Свртувањето на автобусот не беше нагло, не видов дека се запалија стоп светла, не слушнав никаков звук, ниту имаше чад. Видов дека удри во металната ограда  – рече сведокот Хасани кој на рочиштето беше дојден од Србија каде што работи, а и на денот на трагичниот настан доаѓал од соседната земја.

Во возилото на патувањето од Скопје кон Тетово бил и негов роднина кој во моментот на свртувањето на автобусот го прашал:

– Има ли  пат овде каде што скршна автобусот, ме праша роднината, а јас во тој момент го изгубив автобусот од вид и помисив дека му се слошило на возачот или дека можеби доживеал удар – рече Хасани.   

На денешното рочиште за несреќата кај Ласкарци имаше и презентација на наодот и мислењето на вештите лица од Машинскиот факултет во Скопје кој е изготвен по барање на Јавното обвинителство.

Професорот Милан Ќошевски истакна дека целиот тим имал на располагање обемен материјал, дека се запознаени и со ставовите на одбраната, како и со изјавите на сите сведоци вклучувајќи го и денешното на сведокот Сенад Хасани кој последен сведочеше денеска.

Вештакот рече дека ден по несреќата на 13 февруари откако деканот на Машинскиот факултет формирал тим за вештачење се упатиле на местото на несреќата, што е голема предност кога се очекуваат егзактни наоди.

Откако направиле прелиминарен увид на сите траги кои се однесуваат на техничките аспекти, направиле преглед и на околината да не има дупки на патот, а ја прегледале и оградата. Најмногу внимание посветиле на возилото. Вештаците направиле повеќе од 400 фотографии од местото и сите есенцијални податоци се содржани во извештајот и во презентацијата што е во тек во Кривичниот суд. Од фотографиите што полицијата ги направила вечерта кога се случила несреќата можеше да се види дека на патот немало никакви предмети или дупки.

На една од фотографиите се гледаат траги од масло кое истекло откако автобусот бил оштетен кога удрил во оградата. Фотографиите на вештаците, како што рече професорот, го потврдуваат исказот на денешниот сведок кој рече дека автобусот се движел право пред да удри во оградата.Тој детално ги објаснуваше трагите на патот што ги оставиле тркалата на автобусот и оштетувањата на оградата.

На прашање на обвинителот дали се случило прескокнување на оградата, вештакот, објасни низ фотографии дека автобусот бил оштетен од оградата кога удрил со предниот агол, што покажува дека не ја прескокнал туку ја прегазил.

– Значајна е и конфигурацијата на теренот помеѓу двете асфалтни патеки зошто се забележува длабнатина – рече вештакот.

Ова е важно зошто кога трите задни оски поминувале во длабнатината, автобусот удрил со задниот дел во оградата и во столбчињата што предизвикало оштетување на возилото.

Професорот од Машинскиот факултет низ повеќе слајдери објасни како се случиле оштетувањата, а прикажа и фотографија што ја објавија медиумите која покажува дека автобусот бил превртен на покривот, а тие кога дошле на 14 февруари го затекнале во странична положба.

За автобуската несреќа кај Ласкарци обвинети се сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, вработениот во „Дурмо турс“, Ремзи Мифтари, кој претходно бил осудуван, машинскиот инженер, порано вработен во техничкиот преглед, Игор Ѓорѓиевски, исто така и Горан Дуковски, Јане Боваровски и возачот Маноил Трифуновски.

Во судницата беа присутни и нивните адвокати, како и адвокати на оштетените. Предметот го застапува скопскиот обвиниетел Дарко Јакимовски, а по него судат Дијана Груевска-Илиевска и Александра Ристеска и тројца судии поротници.

Photo: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...