Сведок на судењето за смртта на Тамара: Решение за лекување во Турција имаше, но мајката сакаше друга болница

1225

На малечката Тамара Димовска ѝ биле обезбедени пари и решение за лекување во турската болница „Медипол“, но нејзината мајка Жаклина Димовска не сакала да го подигне решението од Фондот за здравство, бидејќи сакала да бара медицински азил во Германија или во Америка. Вака вработениот во Фондот за здравство, Бранко Аџигогов, инаку предложен како сведок на одбраната на поранешната директорка на ФЗОМ Маја Парнаџиева-Земјкова, денеска сведочеше во судот.

Тој во судницата тврдеше дека мајката на Тамара буквално се пазарела со Фондот за нејзиното дете да се лекува во болница во Америка или во Германија, каде што, според зборовите на Аџигогов, таа имала блиски луѓе кои би можеле да ја намалат цената на операцијата.

Аџигогов истакна и дека на средбата со Димовска таа од него побарала да биде медицински азилант затоа што и нејзината помала ќерка имала срцева маана.

– Кога ја прашав зошто немаат здравствено осигурување, таа ми рече дека заедно со сопругот си дале отказ од работа и дека убаво живееле од парите од донации – сведочеше Аџигогов.

Тој во ниту еден момент не отстапи од тврдењето дека на таа средба, еден месец пред да почине малата Тамара, мајка ѝ го видела одобрувањето за лекување во Турција, но дека одбивала да ја испратат таму.

Адвокатот на Парнаџиева, Љубомир Михајловски-Џанго, истакна дека со ова сведочење бил направен целосен пресврт на судењето.

– Со ова сведочење се потврди она што одбраната цело време го кажува. Се потврди дека јавноста била доведена во заблуда во изминатиот период. Ова е пресврт во судењето и во понатамошниот тек на постапката сè повеќе ќе се докажува околу средствата што се собрани, потрошени, средства коишто биле наменети за лекување, а не се употребени за лекување. Јас знам дека не се искористени за лекување, а каде се потрошени, тоа ќе мора мајката да ја прашате. Има материјални докази, пари се одобрени од Фондот, а решението и формалностите не биле причина за Тамара да не биде лекувана во странство – истакна Михајловски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...