Сведок: Началникот Грујевски ми кажа кој има пристап до прислушуваните разговори

998

Сведокот Марјан Јанкуловски во случајот „Таргет-Тврдина“ на денешното рочиште на кое одговараше на вкрстено испрашување на обвинетите Сашо Мијалков, поранешниот шеф на УБК и Надица Николиќ, ги појасни исказите кои ги дал во минатото рочиште во кое изјавил дека Мијалков, Николиќ и другите обвинети имале пристап до одредени таргети во системот каде што се вршело прислушувањето, а кое според обвинителниот акт, се одвивало преку три системи за следење на комуникациите во УБК.

Станува збор за периодот од 2008 до 2015 година, кога според обвинението незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви.

Надица Николиќ е обвинета во „Таргет-Тврдина“ дека како началничка во МВР имала пристап исто како и Мијалков до сите разговори.

Прислушувани, според обвинителството, биле над 20 илјади граѓани. И токму на овој дел од обвинението, поранешниот шеф на УБК Мијалков го праша сведокот Јанкуловски кој на претходното рочиште сведочел дека пред Нова година вообичаено се случувало исклучување, а по празниците повторно вклучување во системот, колку телефонски броеви во просек биле вклучени во системот.

– По двесте, тристе, поим немам, петстотини – одговори Јанкуловски.

Мијалков го праша сведокот дали имал можност да види кога некој друг ги слуша разговорите или пак дека чита СМС пораки, со оглед на тоа што тој претходно тврдел дека пристап до разговорите имале Мијалков, обвинетата Николиќ и други претпоставени. Денеска сведокот Јанкуловски одговори дека немал техничка можност да види кога некој друг ги прислушува разговорите, но оти поранешниот шеф на Петтата управа Горан Грујевски, исто така обвинет во „Таргет-Тврдина“ кој е во бегство, му кажал за некои кориснички имиња, додека за други тој самиот изведувал логични заклучоци за тоа кој сѐ има пристап до разговорите.

– Јас лично не можев да знам, не сум ги формирал јас псевдонимите, туку ми ги кажа началникот – рече Јанкуловски.

Тој на барање на Мијалков, одговори дека просторијата во која бил системот за прислушување се наоѓала на петтиот кат, на што Мијалков забележа дека зградата има четири ката.

На почетокот на судењето обвинителката Ленче Ристовска, повикувајќи се на одредбите за испитување сведоци од ЗКП, објасни дека досегашната пракса покажала оти во медиумите се изнесуваат детали од сведочењата кои се во спротивност од законот, настрана што имаат влијание и врз сведоците. Според судијата Владимир Туфегџиќ, како и според судијката Џенета Бектовиќ, законските одредби се јасни и предвидуваат јавно и транспарентно присуство на јавноста или целосно исклучување на јавноста од судењата во кои сведоците искажуваат тајни информации.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...