Сведок во „Тенк“: Да имаше Глигоров блиндиран мерцедес, немаше да има има такви последици од атентатот

1368

Ако претседателот Киро Глигоров имаше блиндирано возило немаше да ги има тие последици по атентатот во 1995 година, а неговиот возач Александар ќе си умрел од природна смрт.

Ова го кажа Мирослав Антиќ, сега пензионер, а поранешен шеф на службата за обезбедување во Министерството за внатрешни работи. Тој е првиот сведок на одбраната во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот мерцедес во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски. Во врска со неговата констатација за тоа што ако Глигоров имал блиндирано возило, обвинителката Ленче Ристоска го праша дали за тоа прочитал нешто стручно или тоа е негово мислење.

– Врз основа на моето долгогодишно искуство и на литературата од областа на безбедноста што сум ја читал тоа е мое субјективно мислење со елементи на голема објективност- одговори сведокот.

Антиќ во судница раскажа дека службите порано немале блиндирани возила, првото било набавено по атентатот на Глигоров, а до 2000 година биле набавени и други, па тогаш бројот на блиндирани возила се искачил на 5.
Меѓутоа, оттогаш па се до 2012 кога беше набавен мерцедесот од 600.000 евра не биле набавувани такви возила. Во сведочењето тој ја објаснуваше потребата за набавката на мерцедесот. Раскажа неколку случки во насока на тоа дека поради недостаток на блиндирано возило бил нарушуван безбедносниот систем при посети на странски делегации. Така, посочи тој, во 2010 или 2011 година кога во посета на Македонија бил албанскиот премиер бидејќи немало соодветно возило дошол со негово возило и обезбедување.

– Така автоматски се нарушува системот на безбедност и комуникацијата. При било каков безбедносен проблем или претпоставени опасност не сме можеле соодветно да постапиме – рече сведокот.

Тогаш албанскиот амбасадор во Република Македонија го поканил премиерот кој бил во посета да отиде во неговата резиденција на Водно. Албанскиот премиер кој се возел со неговото возило од Албанија се одделил од колоната други возила кои биле на македонските служби. Бидејќи немале комуникација со македонското обезбедување, албанскиот премиер во еден момент за македонските служби бил во, за нив, непозната насока бидејќи не знаеле каде е и што се случува. Потребата од ново блиндирано возило, Антиќ рече дека била нотирана во секое годишно барање во периодот од 2009 до 2012 кога тој бил на чело на службата за обезбедување. Откако тој е на чело на службата за обезбедување.

Сведокот зборуваше и за досегашната пракса со блиндираните возила и посочи дека најчесто за превоз на странски делегации било позајмувано возило од МВР, за чиј потреби бил набавен и спорниот мерцедес. Покрај министерот во МВР такви возила, објасни тој, треба да имаат и министрите во МНР и одбрана, како и претседателот на државата, претседателот на Собранието и премиерот.

Сведокот Антиќ зборуваше и за брендот мерцедес односно дека тоа е бренд кој отсекогаш бил префериран од стручните служби бидејќи тој, според сведокот, и ден денес е водечки според стандардите за блиндирани возила.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...