Се пука од пиштоли од сите видови, но Калашот е особено популарен. И оваа летна сезона, кога многу иселеници доаѓаат да се видат со своите семејства, но и да бендисаат мома или момче од родното место, на богатите трпези има многу што да се испие и изеде, многу гласна музика да се слушне, но и многу куршуми да се испукаат. На времето, имаше и рент-а-Калаш сервис. За одредена сума, некои 20 евра, можете да добиете пиштол со полн шаржер на услуга, да си олесните на душата. Добра заработка (еден куршум е некаде половина евро) и среќни муштерии, нема што.
Нема побесмислен начин од тоа да се настрада од куршум испукан на прослава. Оружјето е и онака бесмислено и зло, но пукањето на веселби е можеби најапсурдниот начин да се искаже нечија радост. И да се загрози животот на најблиските! Колку треба да се биде глупав и непромислен, да се земе пиштол, па дури и Калашников и да се пука?! Мислам дека нема мерни единици за тоа. Најмалку може да се најде оправдание во ставот, инаку раширен кај сите Балканци: „Тоа мене не може да ми се случи, јас сум експерт!“ Уште помалку кај оние што им се восхитуваат.
На времето, пред петнаесетина години, имав можност да пропатувам низ Македонија на турнеја за едукација за ризиците од злоупотребата на оружјето, заедно со Франк Одендал, висок офицер на германската армија, што ѝ помагаше на владата да се справи со нелегалното оружје, како дел од мисијата на УНДП. Ми остана во сеќавање неговиот отсечен и прецизен настап без вишок зборови, кога презентираше факти за ризиците од употребата и злоупотребата на оружјето, од што ден-денеска ми се заледува крвта во жилите. Особено добро го помнам неговиот став: „Немојте да им се восхитувате на „експерти“. Ќе ги надживеете!“
Секоја година МВР излегува со црни статистики за повредени, а некогаш и загинати од заскитани куршуми. И имаме веселби што се претвораат во трагедии, безглаво јурење по болници и… погреби. Пред некој ден, во инбокс ми стаса информација за едно село во близина на Скопје во кое се одвива по една „мала војна“ кога има веселба. Слични пораки добивам од Чаир, Драчево, Топанско Поле, Ѓорче Петров, но не е ретко trigger happy ликовите да пукаат и во Лисиче, Аеродром, па и Центар. Што прави МВР? – е најчесто поставуваното (луто) прашање на социјалните мрежи.
Да, МВР може секогаш да направи повеќе и подобро. Како и сите други. Тука е најголемиот проблем. Како и во многу други теми, МВР може и да се обиде да направи нешто, но другите делови на системот ќе потфрлат. Така, и да има интервенција во случаи на противзаконска употреба на оружјето, изостанува реакцијата на други институции што се повикани да му стават крај на овој опасен „спорт“. Обвинителство, на пример.
И да не говориме за тоа дека секогаш е покомфорно да се постават сообраќајни патроли на секој втор чекор и да се асистира во обилните „берби“ на пајак службите (освен ако злогласниот Беќо не е во близина). Интервенција на свадба каде што има богат арсенал од „играчки за прослава“ може да биде „опасна мисија“. Особено ако на веселбата гостин е некој од локалните шерифи што ќе ја осуетат законската постапка.
Да речеме дека законот не им може ништо, како што и е случај. Но… Освен што „забораваат“ дека куршумот испукан во воздух мора да се врати назад и може да повреди, па и да убие, „веселите пиштолџии“ забораваат и на траумите што ги предизвикуваат на луѓето околу нив. На веселбите има и деца што, освен ужасната музика со превисоки децибели, мораат да ги слушаат и истрелите и рафалите. Ај, музиката може и да се преживее некако, но оружјето и куршумите се создадени да убијат!
Во минатото, кога ќе се роди дете, ќе се склучи брак или нешто важно ќе се случи во некое село, оддалечено од другите села, се вадел кубурот и се пукало во воздух. Тоа било покана, начин на соопштување, некој вид примитивна комуникација. Со сите средства за комуникација на дланка, сега пукањето е само мракобесие и примитивизам. Толку.