Сахарскиот бран нема да ги спушти скелињата, градежниците ќе горат до портокалова фаза

226

Топлотниот бран и најавите дека неделава температурите ќе достасаат и до 40 степени ги поттикна градежните работници кои секое лето мака мачат да истераат правда со своите газди и да не работат во ударниот термин на отворено во пеколно жешките денови, пак, сами да побараат спас и заштита.

Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) денеска од Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд и Организацијата на работодавачи побара препораки според кои работниците нема да се изложуваат на отворено, под директно зрачење на сонце, во време од 11 до 17 часот. Синдикалците бараат и повозрасните лица, бремените жени и хронично болните лица да бидат ослободени од работните обврски и да се преземат соодветни мерки за заштит- вентилација и климатизација.

Своите барања тие ги поткрепуваат со временската прогноза која предвидува топлински бран од повисок ранг, со особено високи температури, до 40 степени во период од 2 до 5 јули.

Синдикалците потсетуваат дека Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз населението и мерките за безбедност и здравје при работа, препорачува да се почитуваат општите препораки за заштита на работниците од високите температури. Според последната препорака од Министерството за здравство која ја објавивме предмалку се апелира на заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, но препорака за ослоодување од работа или за реорганизација на работното време нема.

Вакви препораки во претходните години издавало Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во кои ослободување од работни обврски имало за бремените жени и лицата над 60 годишна возраст, а за останатите биле задолжувани рабоодавачите да го стокмат работниот ден така што нема да дозволат да се работи под вршник од 11 до 17 часот.

Лани имало препораки и да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а градинките да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.

Одговори на барањата на градежниците, но и за сите други засегнати работници кои работат на отворено побараве и од Министерството за здравство, како и од Министерството за труд и социјална политика.

Дознаваме дека надлежните ќе ги разгледаат овие барања, но потсетуваат дека препораките за ослободување од работните обврски или за реорганизација на работниот ден на отворено во претходните години се носеле кога земјата била под закана на портокалова фаза и кога живата во термометарот ќе се искачи над 40 степени.

Михаил Кочубовски, претседател на Комисијата за следење на состојбата и ефектите од високите температури, во рамки на Министерството за здравство потсетува дека „Стратегијата за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени во Република Македонија со акционен план“,усвоена од Владата во 2011 година и усвоениот Акционен план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението во Република Македонија, усвоен од Владата во 2012 година се спроведени според  Националната годишна програма за јавно здравје во РМ за 2012-2019 година.

– Во согласност со горенаведеното државата е поделена на 6 региони и според повеѓегодишните просеци на температурата се прогласува зелена, жолта, портокалова или црвена фаза. Во жолта фаза се информира населението за општи мерки за заштита од високи температури и за тоа веќе два пати Министерстото за здравство има доставено соопштение за јавноста, како и инетрвју преку јавните медиуми, како и преку флаери, факти на Веб страната на МЗ и на Институтот за јавно здравје на РСМ – објаснува д -р Кочубовски за Плусинфо.

Комисијата за високи температури прв пат оваа година се состанала на 12 јуни по што следеше соопштение со препораки за јавноста за превенција на штетните ефектите од високите температури.

– Во моментот согласно временската најава од УХМР на целата територија на државата е жолта фаза до среда. Во случај на најава за портокалова фаза се состанува Комисијата за високи температури и дава предлог преку МЗ до Владата за ослободување од работа на работници над 60 годшна возраст, како и на бремени жени – вели д -р Кочубовски.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...