Најодговорно ви тврдам, кој и да стане министер за култура, сѐ додека е системот таков каков што е, наместо жива култура ќе имаме култура приклучена на апарати за преживување. Џабе ќе биде сѐ, не доктор, и Мик Џегер да биде министер, исто ќе биде, пишува Петрит Сарачини во колумна за Цивил медиа.
„Клучното што отсуствува постојано во културата е дебата за суштината на проблемите, зошто – наместо систем кој овозможува културен развој, ние имаме систем кој овозможува статус кво, создава клиентелизам, нееднаква дистрибуција на државната поддршка, многу незадоволства, нееднаков пристап…?
Главната болест на системот е Годишната програма, односно Годишниот конкурс, кој Младиќот љуби да го нарекува „У години један дан“. Замислете, сите уметници, и почетници и доајени, аплицираат на иста апликација, за исти средства, еднаш во годината! Сите барања за поддршка, иако се работи за различни профили на уметници, различни потреби за реализирање на нивните проекти, итн., сѐ е тоа ставено во еден калап!“, пишува Сарачини.