Сараево домаќин на лидерите на шест земји од Западен Балкан

153

Лидерите на земјите од Западен Балкан ќе се соберат на 8 мај во Сараево на самит кој ќе се одржи во рамки на Годишниот состанок на Одборот на гувернери на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), од каде ќе испратат јасна порака дека регионот е безбеден за инвестирање.

На самитот ќе се обрати претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти и претседателот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, кој ќе ја отвори средбата на високо ниво, а најавено е присуство на претседателите на Црна Гора, на Косово и на Србија, Мило Ѓукановиќ, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, како и премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама.

Во најавата за овој настан се додава дека форумот е составен дел од политиката за проширување на ЕУ, а сегашното ниво на соработка е едно од најголемите достигнувања на Западен Балкан. Меѓутоа, се наведува, дека остануваат голем број предизвици кои мора да се решат за да се ослободи целосен потенцијал за раст и да се зголеми привлечноста на регионот за странски инвеститори.

Лидерите на шесте земји ќе имаат можност да разговараат на различни теми, како што се начините да се надмине јазот меѓу постоечкото ниво на политичка поддршка кон регионална интеграција и како таа се претвора во конкретни регионални проекти на терен.

Претседателот на ЕБРД во 2014 година претседаваше со регионалниот самит на премиери од шест земји на Западен Балкан во седиштето на Банката, што било првпат премиерите на шесте држави да се соберат во тој формат.

– Овој самит на ЕБРД организира нов поинаков облик на регионална соработка, што е продолжение на континуирана регионална интеграција, предводена од ЕУ, неопходна за економскиот развој на регионот и нејзината стабилност – наведува ЕБРД.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...