Шпанскиот премиер Педро Санчез во интервју за шпанскиот јавен радиодифузер ТВЕ соопшти дека во февруари ќе се состане со каталонскиот премиер, Ким Тора, како дел од дијалогот за идниот статус на Каталонија и дека Каталонците потоа ќе треба да гласаат за нивниот договор, што не вклучува независност.
Санчез, кој е на власт од јуни 2018 година, во јануари ја формираше новата коалициска влада на неговата шпанска Социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) и помалата, левичарска формација на „Унидас Подемос“, прва коалициска влада во Шпанија во последните 80 години.
Во првото интервју по формирањето на владата, тој рече дека ќе се сретне со премиерот на Каталонија, Ким Тора, во првата недела од февруари. Тора бара нов референдум за независност на Каталонија, автономна покраина со население од 7,5 милиони на северо-исток, што би го одобрила шпанската Влада.
– Сакам мандатот на оваа влада да биде обележан со дијалог и консензус. Тоа што се смени е помирна ситуација во Каталонија – рече Санчез, кој на почетокот на минатиот месец се согласи со Каталонската републиканска левица (ЕРЦ), најголемата партија за независност, да формира билатерална комисија за разговори околу идниот статус на Каталонија.
РКЕ, пак, се воздржа од гласање на владата во парламентот, оставајќи го Санчез, со тесно мнозинство од 167 пратеници „за“ и 165 против, на власт. Доколку РКЕ гласаше против, Шпанците повторно ќе излегоа на гласање.
Шпанската опозиција го критикуваше договорот меѓу Санчез и РКЕ и тврди дека тоа би можело да доведе до „растурање на Шпанија“.
Во интервјуто, Санчез јасно стави до знаење дека исходот од преговорите нема да биде референдум за независност, за кој инсистираше ЕРЦ, но не прецизираше како би можел да изгледа договорот. Досега, ЕРЦ побара само „референдум за самоопределување“.
– Договорот нема да биде нешто што одвојува. Патот е автономија, а не самоопределување – рече Санчез.
Од воведувањето на демократијата и сегашниот устав од 1978 година, Шпанија е територијално поделена на 17 автономни провинции. Каталонија, каде 19 проценти од БДП на Шпанија се генерира од индустријата и туризмот, е една од нив.
Санчез истакна дека сегашниот статус доведе до „напредок и кохезија“.
Каталонија има свој парламент, влада, полиција, училишта и болници, а каталонскиот јазик е службен во тамошните институции. Шпанската централна влада во Мадрид управува со фискална, надворешна и одбранбена политика.
Договорот споменат од Санчез може да вклучува дополнителна автономија, иако тој не прецизира во кои области. Потенцијалниот „договор ќе мора да биде изгласан од каталонското општество“, истакна тој.
– Шпанската Влада секогаш ќе го почитува законот, а каталонските заговорници за независност мора да бидат свесни дека нема место за унилатерални одлуки – нагласи Санчез.
ФОТО: EPA / BALLESTEROS