„Преспанскиот договор е мртов!“. Така му одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на високиот американски политичар Вес Мичел. Каква храброст!? Лидерот на најголемата македонска опозициска партија го „искара“ големиот Американец и му рече „Не“. Браво Мицко! Ете маж! Мал ама ербап. Демек како Тито. Четириесет и осмата, од минатиот век Тито, исто така му рекол на големиот Сталин. Тогаш Сталин, одговорил со блокада на Југославија и Информбирото. Со што ќе ни одговори Америка?!
Навистина дали Мицкоски помислил што може Америка да ѝ „приреди“ на Македонија? Тоа само Мицкоски и „оние“ кои стојат зад него, го знаат. Но, дали навистина Мицкоски помислил што ќе биде со македонскиот народ? На ова навистина тешко е да се одговори. Но, Америка, барем досега така правела, не веднаш, но, никогаш нема да го заборави „поздравот“ што им го испрати Мицкоски.
Дека Преспанскиот договор за ВМРО-ДПМНЕ е мртов зборува и напуштањето на нивните пратеници на Парламентот и нивната јавна изјава дека нема да го дадат својот глас за промена на Уставот. Нема договор, нема промена на името, нема промена на Уставот. Ги повлекоа пријавените пратеници и јасно рекоа во петок Парламентот да гласа. А тие, отворено, рекоа, нема нивни гласови.
Заев, кој веруваше дека со договорот ќе ѝ го отвори патот на Македонија за влез во НАТО и ЕУ, се излажа. Не ги доби десетте пратенички гласа, токму од ВМРО-ДПМНЕ, кои беа пресудни за да го реши долгогодишниот проблем со Грција. ВМРО-ДПМНЕ ги дочека своите пет минути и побара многу голема цена за нив. Побара амнестија за „вождот“ и тајфата околу него. Побара да бидат ослободени од секаква вина оние што украле милиони евра народни пари. Не беа заинтересирани за оние што на 27 април насилно влегоа во Парламентот и на кои им се суди за тероризам. Заев, ни на сон, не веруваше дека и тој и Македонија ќе се најдат во ваква состојба. Веруваше во референдумот. Се излажа.
Всушност, го излажаа тие на кој најмногу им веруваше. Тие, што ги фатија фотељите, што им удри славата во глава. Тие што мислеа дека се вечни и незаменливи. Тие го излажаа. Заборавија на народот. Заборавија дека не тие, туку народот ги донесе на власт и дека тој народ сега им враќа мило за драго.
И што сега? Преспанскиот договор е мртов. Нема промени на Уставот. Македонија останува онаму каде што беше. Единственото решение Владата го гледа во предвремени парламентарни избори. А дали и со нив, било која од партиите, ќе обезбеди двотретинско мнозинство? Тогаш што и каде? Сега Македонија е во ќош. Нема бегање. Или ќе ја биде или народецов нека си го собере целиот живот во крпче и нека тргне кој каде сака. Друг договор Македонија, како што велат најбогатите и насилните, нема да има.
„Сам што можеш да си направиш никој друг не може да ти направи!“. Ете тоа сме ние Македонците. Сами очите си ги вадиме и сами гроб си копаме. Греота е некој друг да обвинуваме. Ние сме си криви!