Само чипирана свиња ќе биде обештетена

Пописот на свињи почнува на 8. ноември и ќе трае до Нова година, а само за евидентирана свиња ќе следува отштета при евентуална појава на Африканска свинска чума и кај нас Попишани ќе бидат сите свињи кои се одгледуваат во земјава, во фарми, но пред се, во селските домаќинства, дури и оние кои одгледуваат по една свиња

454
ФОТО: ЕПА / NIGEL RODDIS

Агенцијата за храна и ветеринарство ќе врши попис и идентификација на приемчиви животни на болеста Африканска чума кај свињите, почнувајќи од 8. ноември до 31. декември годинава. Само оние одгледувачи на свињи кои ќе направат попис, ќе имаат право да добијат отштета за убиените животни, при евентуална појава на болеста Африканска свинска чума и кај нас. Ова го најавија денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство. 

Со Решението за спроведување на заштитните мерки се прошируваат превентивните мерки за спречување на појава и ширење на оваа болест.

Пописот ќе го спроведат ветеринарните друштва кои со Агенцијата имаат потпишано договор за реализација на активности од јавен интерес. Попишани и идентификувани  ќе бидат сите свињи кои се одгледуваат во земјава, во комерцијалните фарми, но пред се, во селските домаќинства, дури и оние кои одгледуваат по една свиња. Ќе се изврши и регистрирање на новите одгледувалишта – соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

Регистрацијата на одгледувалиштата и идентификувањето на свињите со ушни маркички ќе биде на трошок на Агенцијата и обезбедени од Програмата за здравствена заштита на животните за 2018 година.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги повикува сите одгледувачи на свињи, да го пријават одгледувалиштето/фармата и животните кои ги одгледуваат во најблиското ветеринарно друштво. – Напоменуваме дека при евентуална појава на Африканска свинска чума и кај нас, само регистрираното одгледувалиште и идентификуваните/обележани свињи се единствен правен основ за одгледувачите да добијат отштета за убиените животни – нагласуваат од Агенцијата.

Со пописот ќе се изврши ажурирање на податоците за одгледувалиштата и бројот на свињи кои се евидентирани во Ветеринарно информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство.

ФОТО: ЕПА / NIGEL RODDIS

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...