Само референдум без цензус би бил фер референдум

Доколку не се укине цензусот, тогаш противниците на Договорот за името би имале двојно повеќе шанси да успеат на референдумот отколку поддржувачите, дури и во случај кога вторите би имале мнозинство, предупредуваат експертите.

2463

Единствен начин за да се обезбеди фер натпревар во кој и двете страни ќе треба да ги стимулираат гласачите да излезат на гласање, a не да повикуваат на бојкот, е да се исклучи цензусот како услов за претстојниот референдум за Договорот со Грција.

Ова го тврдат политичките аналитичари, кои објаснуваат дека задолжителниот референдум дозволува еднаквост помеѓу недостигот на цензус и мнозинството против. Како што објаснуваат експертите, во случај да не се укине цензусот, противниците на Договорот за името би имале двојно повеќе шанси да успеат на референдумот отколку оние што се поддржувачи на Договорот, и покрај тоа што поддржувачите можеби би имале мнозинство.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во изјава за Алсат-М вели дека референдумот не претставува само анкета, туку дека тој произведува правно дејство и на него двете страни треба да имаат еднаква шанса да го спроведат своето мислење.

– Дали е нелегитимен изборот на претседател само затоа што го избираме со цензус од 40 проценти? Исто така, дали и пратениците немаат легитимитет затоа што можеме да ги избереме и со 20 проценти излезност? Моделот на референдум што го има Македонија е наменет за прашања за кои треба да се надгласа некаква претходна одлука, како што беше со Законот за територијалната организација на локалната самоуправа, а со тоа не е правилно применлив за прашањето за името – објаснува Арсовски.

Тој посочи дека задолжителниот референдум дозволува еднаквост меѓу недостиг на цензус и мнозинство против.

– Референдумот ги едначи тие две работи, па така оние што се противници на Договорот имаат двојно поголеми шанси да успеат на референдумот отколку оние што се поддржувачи на Договорот. Тоа значи дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ или противниците на Договорот кои можеби се малцинство, со едноставен технички бојкот можат да ја изиграат волјата на мнозинството заради вака поставениот референдум. И тоа воопшто не е фер – вели Арсовски.

Комуникологот Марко Трошановски од Институтот за демократија смета дека бојкотот би се дестимулирал со евентуално негативно поставено прашање на референдумот.

– За тоа да се промени треба да се направи попис, но сега нема време. Втората опција е да се намали евентуално цензусот што е исто така проблематично затоа што е противуставна постапка. Третата опција е да има поголема излезност на изборите или да имаме негативно референдумско прашање – вели Трошановски.

Според него, евентуалното паралелно организирање предвремени парламентарни избори со референдумот не претставува никаква гаранција за тоа дека процентот на излезност може да се зголеми.

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, смета дека властите приближно знаат колку граѓани ќе го дадат својот глас за поддршка на Договорот со Грција, бидејќи како што вели, на последните локални избори коалицијата на СДСМ добила повеќе од 600.000 гласови.

– Ако властите не се сигурни во бројките, тогаш јас не знам зошто сакаат да одат на референдум, кој всушност не е класичен референдум. Ако се исклучи цензусот, тогаш тоа не е референдум, туку е некакво тестирање. Едноставно, кога се спроведува еден референдум, тогаш тој треба да ги исполнува елементарните услови што се предвидени со Законот за референдум – вели Ивановски.

Мартин Богатиноски, „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...