Градежништвото е еден од клучите сектори, двигатели на македонската економија кое директно со активностите во рамки на самата дејност, но, и индиректно преку дваесетина други стопански гранки, во изминатите години го даваше импулсот за остварување на растот на домашната економија.
Намалената градежна активност во 2017 година придонесе за пад на учеството на секторот во бруто-домашниот производ (БДП) за 17,3 %. Ваквиот тренд со уште позасилено темпо продолжи и во првото тримесечје од 2018 година, кога споредено со истиот период лани, учеството на градежништвото во БДП забележа пад од 37,2%, посочуваат од Стопанската комора на Македонија и од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Комората.
Истовремено и во самата структура на бруто-домашниот производ, градежништвото во 2017 година е намалено за 1,28% во однос на 2016 година, односно од 7,45% учество во БДП е намалено на 6,17%. За првиот квартал од 2018 година споредено со истиот период лани намалувањето изнесува 2,25%. Очекувано, забавеното темпо на градежништвото се одрази и врз вкупно остварениот бруто-домашен производ (БДП) на државата кој за првото тримесечје на 2018 година забележа раст од само 0,1%.
Комората констатирала дека ако се анализира градежништвото подетално, во самата структура, поголемиот инпут и ефект доаѓа преку ангажирање на секторот во проекти на нискоградбата, што подразбира ангажирање на капитални инфраструктурни проекти. Токму во овој дел е и најголемиот пад во 2017 година и во првиот квартал од 2018-та. Според статистиката, изведените градежни работи во првите три месеци од оваа година, во однос на истиот период лани бележат намалување од 68,4 %. Истовременo, забележано е намалување и на бројот на издадени одобренија за градење за 40,3%, додека во однос на предвидената вредност на објектите намалувањето изнесува 82,42 %.
Нискоградбата потфрли
Негативните показатели во најголем дел се должат на застојот во реализацијата на капиталните проекти, пред сѐ, на изградбата на патните делници Кичево-Охрид, експресниот пат Градско-Прилеп и гасоводната линија Неготино-Битола во кои се ангажирани голем дел од градежните компании. Запирањето на проектите доведе и до ниско ниво на реализација на капиталните инвестиции предвидени во државниот буџет, при што реализацијата за првите четири месеци изнесува само 11% од предвиденото, истакнуваат од Стопанската комора.
Дополнително, причина за падот во нискоградбата и ниското ниво на реализација, беа и лошите временски услови, кои резултираа со нецелосна искористеност на потенцијалот на градежните компании и мал број остварени работни часови, особено во Источниот регион.
Согласно презентираните податоци, констатацијата е дека за да се стабилизираат состојбите, градежништвото мора да биде ставено во функција, за што е потребна побрза и поефикасна реализација на инфраструктурните проекти планирани од државата. Ваквата активност е условена од интензивирањето на градежните работи и засилените активности кои надлежните органи ги преземаат во насока на отстранување на причините за застоите и за усогласување на проектната документација со состојбите на теренот со цел правилно и непречено функционирање на патните правци.
Во моментов активно се работи на помали инфраструктруни проекти, какo што се реконструкцијата на патот Кочани-Делчево, како и на изградбата на патиштата Демир Капија-Неготино, Свети Николе-Штип, Штип-Радовиш и Ранковце-Крива Паланка. Во таа насока, очекувањата се дека зголемување на ангажманот на градежните компании, одблокирање на процесот на градба на капиталните проекти со голема вредност би придонело и за поголемо ангажирање на градежништвото и раст на бруто-домашниот производ во периодот што следи.
Капиталните инвестиции се клучни
Сепак, Комората нагласува дека актуелната состојба во градежништвото чии негативни ефекти се одразија и на вкупната економија покажува дека овој сектор е директно и неминовно поврзан со потребата од непречено реализирање на капиталните инвестиции предвидени во Буџетот, кои за 2018 година изнесуваат околу 400 милиони евра, наменети претежно за инфраструктурните објекти, како и за завршување на објектите кои се во тек на реализација, но и отпочнување на нови инвестиции во нискоградбата (патната и железничката инфраструктура).
Имајќи предвид дека реализацијата на проектите трае долг временски период кој се одвива во повеќе фази и во чие остварување се вклучени голем број чинители, а притоа не занемарувајќи го и износот на средства кои се одвојуваат од државниот буџет, во иднина не смее да се дозволи отпочнување проекти кои не се детално проверени и не ги исполнуваат соодветните критериуми. За таа цел, искуството, покажува дека без големи и добро осмислени инфраструктурни проекти не може да се креира долгорочен тренд на раст на економијата. Во спротивно, секое отстранување на пропустите направени при проектирањето, ќе значи дополнително трошење време и пари, кои неминовно се одразуваат врз градежниот сектор и економијата во целост.
Во таа насока, според Стопанската комора на Македонија, најавите дека ќе бидат реализирани проектираните капитални државни инвестиции се оптимистички, имајќи го предвид фактот дека градежништвото претставува сериозен двигател на македонската економија, со активни 4.814 компании кои вработуваат околу 53.300 работници, што е околу 7% од вкупно вработените на ниво во државата. Градежништвото со себе повлекува и над 20 други гранки кои заедно со секторот имаат значително големо учество во создавањето на БДП во нашата земја, но и развој на производствените и услужните дејности во државата.