Само Дехари и Алити го бранеле Лика, судир во најава меѓу Меџити и Груби

1922

Само кичевскиот градоначалник Фатмир Дехари и екс пратеникот Рафиз Алити реагирале на смената на Хазби Лика од функцијата организациски секретар на ДУИ, потврди за Плусинфо, Дехари.

Изборот на Атила Реџепи за нов генерален секретар и на Артан Груби за организациски секретар на ДУИ предизвика бранувања кај сопартијците. Реџепи доаѓа на местото на починатиот Абдулаќим Адеми, а Груби на позицијата на Лика. Во игра за генерален секретар бил и потпретседателот Изет Меџити, но според едни тој самиот се откажал поради концентрација на функции, а според други, Меџити ја посакувал функцијата, но лидерот на ДУИ Али Ахмети пресекол во корист на Реџепи.

Столчето на организацискиот секретар беше празно три години бидејќи Лика самиот си поднесе оставка. Сепак, на состанокот Дехари и Алити побарале да му дадат уште една шанса, но тоа не поминало на Централното претседателство.

– Побарав при именувањето на новиот организациски секретар да се испочитуваат предлозите на општинските совети, но тоа не помина – ни изјави Дехари.

Ова од друга страна ги потврдува реакциите и незадоволството од дел членови на ЦП за именувањето на Груби на таа позиција.

По аут картата за Лика од партиската функција прашање на време е кога тој ќе се збогува и од вицепремиерската фотелја.

Но именувањето на новите секретари најверојатно нема да значи и смирување на страстите во ДУИ. Партиски извори за Плусинфо брифираат дека допрва се очекува судир помеѓу организацискиот секретар Груби и потпретседателот Меџити за организацијата и дејствувањето на партијата.

Меџити на состанокот го претставил акцискиот план за дејствување, изработен во соработка со Националниот демократски институт. Тој предвидува да се одржат избори на младинскиот и на Форумот на жените на ДУИ, да се докомплетира Центарот за комуникации, да се одржат избори во ограноците и да финишираат со одржување на партискиот конгрес. Акцискиот план предвидува овие активности да завршат до јуни идната година и паралелно да се работи на новата програма на партијата.

Наспроти планот на Меџити, според извори од партијата, новиот организациски секретар Груби, по завршување на процесот на уставните промени допрва ќе токми план за партиското дејствување.

Можно е Груби во некои од ограноците кои важат за „проблематични“ како чаирскиот, гостиварскиот, огранокот во Сарај и тој во Дебар прво да именува в.д. претседатели, а потоа да се оди на избори во ограноците.

Дебар остана без претседател на огранокот по смртта на градоначалникот Ружди Љата. Веќе објавивме дека „вечниот претседател“ на чаирскиот огранок Беќир Асани не е активен. Засега со титула „незаменлив“ е и претседателот на гостиварскиот огранок Невзат Бејта, кој воедно е и потпретседател на партијата. Асани и Бејта шефуваат со Чаир и Гостивар од основањето на партијата, односно 17 години. Со огранокот на Сарај, пак, формално претседава Рафиз Алити, а реално градоначалникот Блерим Беџети.

Според ова, извесни се нови турбуленции и судири кај интегративците, неизвесно е чиј концепт на дејствување ќе преовлада.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...