Министерството за образование и наука ја следи состојбата со случајот во основно училиште во Битола, а Ве информираме дека и во координација со другите институции презема соодветни активности за утврдување на причините за појавата на случајот со интернет играта во споменатото училиште и општина, како и превенција од евентуална појава на нови случаи преку мултисекторски пристап. Од досегашните прибрани информации, не станува збор за масовна појава, соопшти денеска Министерството за образование и наука.
МОН ќе продолжи со интензивна работа со училиштата, со цел континуирана достапност на психолошко-предагошките служби кои се во комуникација со учениците.
Основните и средните училишта во земјата добија насоки за понатамошната работа на педагошко-психолошките служби, наставниците, како и за вклучување на родителите и децата во активностите.
Информираме дека до училиштата е доставен указ со кој тие се задолжени да го подигнат степенот на внимателност и интеракција со учениците, вклучувајќи и внимателност околу спроведувањето на комуникациите преку интернет, а воедно и зголемена индивидуална комуникација со учениците.
Дадена е насока преку групни работилници на оваа тема спроведени од страна на стручната служба во училиштето учениците детално да се информираат за можните ризици од учеството во ваков тип на игри, а воедно и да се интензивира и комуникацијата со семејствата на учениците преку организирање на состаноци и родителски средби, со цел навремено превенирање доколку кај одредени поединци или групи биде забележано однесување кое отстапува од вообичаеното и упатува на индиции за преземање несакани дејствија од страна на учениците кон самите нив, кон нивните соученици, наставници или други вработени во училиштето.
При тоа, доколку биде забележано невообичаено однесување, иницирано од споменатите видео игри и слични интернет содржини, покрај првичната превенција од страна на училишните служби и задолжително воспоставување комуникација со семејството, училиштата имаат обврска и задолжително да ги информираат надлежните институции на системот.
Истовремено, апелираме и до семејствата, односно родителите и старателите на учениците да бидат претпазливи, да посветат време за разговор и да посветат внимание на содржините до кои пристапуваат нивните деца за времето додека се дома.