Сакате име со географска одредница? Ендакси! Одредницата ставете ја во заграда!

Под име со географска одредница, грчката дипломатија подразбира придавка пред зборот Македонија, придавка која суштински ќе го промени значењето на именката. Ако веќе неволно се согласивме на таква интервенција за нашето службено име за меѓународна употреба, никако не смееме да се согласиме со барањето едно такво сложено име да биде и за домашна употреба. Така го губиме идентитетот!

6006

Ајде, не е страшно, македонските преговарачи нека го прифатат упорното инсистирање на нивните грчки колеги новото компромисно име да биде со географска или „временска“ одредница. Не чинел одличниот предлог на Зоран Заев, „Република Илинденска Макердонија“. Ендакси! Нека се бара ново име.

Ајде, зошто да не, нека се прифати упорното инсистирање на Атина новото име да биде за севкупна, меѓународна и домашна употреба. Да се согласиме дури и со барањето за целосна уставна ревизија.

Ајде, на крајот на краиштата, да го прифатиме „аргументот“ на Грција дека сето тоа е нужно за да се направи дистинкција од името Македонија коешто во историски контекст таа го смета за нејзино и дека било важно новото компромисно име да не имплицира некаков „иредентизам“.

Ајде, значи, отворено да размислуваме на таа тема. Ама, да размислуваме логички. А логиката вели вака – секое име со додавка што ќе значи прецизирање на територијата на денешна Република Македонија објективно е дистинкција од територијата што Грција ја смета за своја, односно за грчка и истовремено и македонска. Тоа е суштината на географската одредница.

Ајде, сепак, да се согласиме дека немаме проблем да прифатиме такво нешто. Еве, дури и за домашна употреба. И да избереме било која од додавките што ги предлага медијаторот Метју Нимиц (Скопје, Северна, Горна, Вардарска, Нова). Или, уште подобро, нека изберат Грците. И потоа додавката да ја додадеме на нашето уставно име. Во заграда. Или со цртичка. „Република Македонија (Скопје)“. „Република Македонија (Северна)“, „Република Македонија (Горна)“…

И ајде сега да размислиме зошто владата на Алексис Ципрас нема да прифати вакво решение. Иако тоа, де факто, би ги исполнило сите нејзини барања. Нема да прифати, зашто грчката дипломатија бара придавка пред зборот Македонија, придавка која суштински ќе го промени значењето на именката. Ако веќе неволно се согласивме на таква интервенција за нашето службено име за меѓународна употреба (барем јас сум се согласил, иако мене никој ништо не ме прашува, а и не треба), никако не смееме да се согласиме со барањето едно такво сложено име да биде и за домашна употреба.

Ајде да не бидеме наивни – актуелната грчка влада очигледно отстапува од политичкиот консензус постигнат во Атина уште во 2005 година, основата на сложеното компромисно име да биде зборот Македонија. Владата на Ципрас прави чекор назад, чекор во насока на торпедирање на преговорите. Она што сега таа се обидува е да го смени името Македонија и нашата земја и за дома да добие ново име, а ние да станеме Новомакедонци, Северномакедонци, Горномакедонци или нешто слично.

Ајде, конечно, да сфатиме дека сепак имаме нова ситуација во преговорите – во овој момент Атињаните бараат да го сменат нашиот национален идентитет. Од кој не сакаме и не смееме да се откажеме. И крајно време е тоа јасно и гласно да се соопшти!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...