Сакам во Европа

Овој пат опаметени и сите заедно, храбро и сложно, да се избориме, па да ни успее ова мало парче земја да го претвориме во делче од таа, нашата сонувана Европа.

1454

Сакам во Европа. Или сакам Европа, овде и сега!   

Не ја засакав Европа затоа што на почетокот била само заедница на земји што произведувале јаглен и челик. Мислам дека ја засакав од мигот кога ги погледнав бројките на оние што изгинале во разни војни меѓу земјите што сега се членки, а војувале меѓу себе. Но, сето тоа било пред да се воздигне европската идеја на солидарноста и мирот над раните на континентот по Втората светска.

Можеби тој факт ми се виде позначаен од сè друго, затоа што токму во тие времиња на земјата, која ни беше заедничка татковина составена од шест републики, почна да и го снемува мирот. Па така некако, преку идејата за мирот, кој тогаш во Европа беше можен (а кај нас, за жал, сè помалку и помалку можен) во нашата стварност  се испоплетка и сонот за таа мирна, светкава и убава Европа.

По толку години, сепак не можам да добројам зошто сакам во Европа и зошто сакам Европа овде, ако може и сега и одма! Но, ќе се обидам. Сакам Европа овде за да не соборуваме рекорди по загаден воздух од запалено овдешно или од легално увезено токсично ѓубре, на пример. Многу сакам увозот на токсичен отпад да е нелегален и овде, како и насекаде во Европа. И многу сакам и овде сè да запре, секогаш кога загадувањето ќе ја помине црвената линија. Не по три дена труење! Истиот ден.

Коцки на плоштадот

И сакам буџетот да се полни од средства собрани со драконски казни за загадувачите. Толку драконски високи што ќе мора да престанат со работа загадувачите, оти работењето, пардон, труењето, ќе им стане тотално неисплатливо. И не е дека тие во Европа се толку фини, туку казните таму се толку високи што на сите им е поисплатливо да работат со филтри и по сите прописи, отколку да бидат казнети или дури и затворени. Ете, таа е тајната на чистиот воздух во Европа.   

Сакам да е како во Европа и овде, затоа што би ми било поубаво кога ќе излезам од дома градот да личи на град. А за да личи на град, на плоштадот треба да му ги вратат коцките од гранит, па да личи на оној бриселскиот плоштад што ги чува трагите од историјата на Брисел. Тамошниот, исто како и некогашниот плоштад во Скопје, поплочен е со поголеми коцки од гранит, изгазени од милиони човечки стапки, па одамна повеќе личат на калдрма отколку на коцки! Сепак, тие нивните коцки на плоштадот ги чуваат, а ние нашите одамна ги исфрливме. Прво ги заменивме за некакви плочки, а потоа ги направиме оние кич фонтани што фрлаат вода од под земја, па светат или свират. Ете, да бевме Европа, барем немаше да ги чепкаме коцките на плоштад, ама не бевме и не сме.

Инаку, и коцките ни беа дел од таа историја за која врескаме дека ни ја крадат! Па барем од почит за шампањското кое го пукнавме по референдумот за независност на плоштадот поплочен со тие коцки, можевме и да ги сочуваме.    

Можам да избројам и други навидум ситни, но битни примери зошто сакам во Европа и зошто сакам Европа да е овде. Ете, на пример, затоа што таму е неисплатливо да се помине на црвено и нема ноќни трки по булевари. Или евентуално, таму такви трки би биле можни само еднаш! Веќе следниот ден тркачите би биле осудени, а можеби и затворени. Овде е, на пример, невозможно да се помине на пешачки без некое возило да му помине зад грбот на пешакот, како ветер, со брзина 100 на саат. Ама овде и пешаците се понекогаш самоиницијативни камиказе – јунаци. Преминуваат улица каде и да е, им се џиткаат на возачите по шофершајбни од сите страни. И личат како да излегле од некоја сцена на хорор-филм за крајот на светот, па стигнале директ кај нас на улица. Нема такви адреналински спортови за пешаци и возачи во Европа, ама нема ни такви несреќи како кај нас.

Дел од сонот

Во таа Европа никој не фрла ѓубре каде ќе стигне и не го уништува тоа што е за употреба за сите. А нам, буквално половина буџет би ни требал за да исчистиме и да поправиме сè што можеме да извалкаме и да уништиме во само еден ден. Само кај нас беше можно фрлањето да продолжи откако странски амбасадори излегоа да го исчистат ѓубрето што ние сме го фрлале. И по еден таков настан, само ние можевме наивно да си веруваме дека не ни треба генерално чистење, туку дека е нормално ако ни треба одмор од „грдите овдешни глетки“. Одмор, каде и да е, ама, ако може што подалеку!

Зошто? Па нели ние сме „тие фините“ што ги сакаат глетките вообичаени за Европа? Нели ние сме тие истите на кои им годи редот што го има таму? Нели таму, ни хартивче не фрламе, оти „греота е на тоа чисто да се фрла“? Нели таму ништо не бараме и не добиваме преку ред и тоа дури и ни се допаѓа? Тие сме. Или не сме? Штета ако не сме. Ако не умееме, овој пат опаметени и сите заедно, храбро и сложно, да се избориме, па да ни успее ова мало парче земја да го претвориме во делче од таа, нашата сонувана Европа – најсреќниот континент на кој не сме се нашле само географски, или случајно. Одамна е кажано: Секој со среќата! А ние со Европа, a и во Европа. И да, овој пат конечно, и тоа е среќа! И за нас и за идните генерации.         

(Авторката е новинар за надворешна политика и автор на емисијата ЕвроМакедонија)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...