Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на мерката притвор против обвинетиот разбојник кој ограби две финансиски друштва. Постои опасност од бегство и можност тој да го повтори кривичното дело.
Во меѓувреме надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против лицето.
Обвинетиот, на 5 август, влегол во просториите на финансиското друштво „М КЕШ“ ДООЕЛ во трговскиот центар „Палома Бјанка“ и со звучно-сигнален пиштол марка „Екол“ ѝ се заканил на вработената. Потоа се упатил зад работното биро и од фиока го одзел дневниот промет од 21.400 денари, па го напуштил местото.
На 8 август, на сличен начин влегол во просториите на финансиското друштво „Тиго Фајнанс“ на улица Ѓорче Петров, го извадил сигналниот пиштол, го репетирал и им се заканил на две вработени кои во моментот биле во објектот. Притоа одзел 242.600 денари со намера противправно да ги присвои.