Министерството за внатрешни работи вчера информираше дека се приведени седум македонски државјани за кои постојат основани сомненија дека како странски терористички борци активно учествувале во војните во Сирија и Ирак.
Оттаму наведоа дека акцијата ја спровеле во соработка со Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили.
„Она што не се наведува е дека лицата и биле испорачани на Македонија од меѓународните партнери директно на аеродромот во Скопје. Според новинската агенција Асосиејтед прес, по повеќемесечен притисок од САД, неколку држави меѓу кои и Македонија прифатиле репатријација на свои државјани кои учествувале во борбите на фронтовите во Ирак и Сирија како дел од ткн. Исламска држава и други терористички организации“, пренесува Дојче Веле.
Според она што го објави Дојче Веле, Македонија е последна во низата земји кои прифатиле да ги репатрираат терористите уапсени од страна на Сириските демократски сили- борбена група која делува со поддршка на САД. Се работи за вкупно 600 борци кои треба да се префрлат во земјите на потекло, но проблемот на САД е што голем број други европски држави одбиваат да ги примат назад.