На ридот над градот Монтгомери во Алабама е подигнат нов споменик – прв во САД, Национален музеј на мирот и правдата, посветен на жртвите на расниот тероризам и линчување. Основан е од Иницијативата за еднаква правда, непрофитна организација која работи во маргинализираните и сиромашни заедници, во надеж дека ќе го промени националниот наратив за расите, пренесува N1 од Гласот на Америка.
Новинарот Кејн Фараби од Гласот на Америка беше на отворањето на музејот во Монтгомери.
Исоке Феми, посетител на музејот, дотпатувала во Алабама дури од Калифорнија специјално за овој настан и успеала да застане во редот доволно рано за да обезбеди билет за отворањето на Музејот на наследството. Таа тешко наоѓаше зборови за да го изрази тоа што го доживеала.
– Моето искуство беше … толку болно – рече таа.
Изграден на местото на пазарот за робови во Монтгомери, поранешниот епицентарот на трговијата со робови во САД, „Музејот на наследството – од ропството до масовното затварање“ е полн со експонати кои служат како катализатор за разбирање на она што црнците го искусиле низ историјата на САД.
– Пет илјади црнци бил линчувани помеѓу 1880 и 1940 година – рече свештеникот Џеси Џексон, лидер на борбата за граѓански права.
Џеси Џексон беше меѓу првите поддржувачи на основањето на овој музеј и блискиот Националнен споменик на мирот и правдата, голем простор со парк во кој им се оддава почит на жртвите на линчот, а реалноста на наследството од ропството го изложува јавно.
– Мораме да се соочиме со вистината за нашето потекло. Ние сме пост-геноцидно, пост-ропско, пост-сегрегациско општество – рече Џексон.
Меѓутоа, не и пост-расно општество, вели Марк Поток, експерт на невладината организација која води евиденција за расистичките групи.
– Белите луѓе на оваа земја, особено во јужниот дел, не се подготвени отворено да се соочат со минатото – рече Поток.
Поток вели дека расизмот и предрасудите, особено во државата каде што е сега отворен овој споменик, и понатаму не се само дел од учебниците по историја.
– Треба да се запомни дека пред 15 години, што е сосема свежо минато, белците во Алабама гласаа расната сегрегација во училиштата да остане дел од Уставот на државата – појасни тој.
Џексон смета дека најголемата пречка за напредокот денес е, спречувањето на луѓето да гласаат.
– На југот живеат четири милиони црнци кои не се регистрирани во избрирачките списоци – вели тој.
– А тоа е всушност патот кон иднината. Решението не е во борби со десничарите и расистите на улиците на Шарлотсвил. Решението е во промената на луѓето кои не застапуваат – додава Поток.
– Љубовта што беше потребно да се направи ова, посветеноста, храброста и фактот дека тука се сите, дека не доаѓаат само црнците. Сите се тука … И дури и ако не може да ги најдат вистинските зборови, тие сакаат да се залечат дамнешните американски рани. Тие сакаат срцата да им се ослободат од тој товар – вели посетителката Феми.
За музејот во Алабама инспирација беа Музејот на апартхејдот во Јоханесбург и Музејот на геноцидот во Руанда. Авторите на американскиот музеј на злосторствата кои се постари од сите тие злосторства, веруваат дека јавното соочување со вистината за американската историја е прв чекор кон помирување.
Подготви: А.Ј.