Американскиот Стејт департмент, во соработка со Федералното биро за истраги (ФБИ), синоќа распиша награда од пет милиони долари за информација за апсење на Максим Јакубец и Игор Турашев, руски хакери одговорни за кибер криминал со меѓународни компјутерски и финансиски измами и инсталирање софтвери со вируси на различни компјутери.
Двајцата, едниот од Москва (р. 1987 година), другиот од Јошкар Ола, Република Ел Мари, Русија (р. 1981 година), од судови во Пистбург, Пенсилванија, и во Линколн, Небраска, се обвинети во отсуство за тешки кривични дела извршени во текот на период од повеќе од десет години.
Американското Министерство за правда и британската Национална агенција за криминал (НЦА)покренаа криминални тужби против нив за редица злосторства како завера, компјутерско хакирање, измами со трансфер на пари, банкарски измами со инсталирање на штетните програми „Бугат“ и „Зеус“, преку кои се хакирале лични и бизнис онлајн банкарски сметки и се измамувале банки во САД и во други земји а украдените пари потоа се праќале на туѓи сметки во Русија и се изнесувале во странство.
Јакубец, Турашев и други неименувани лица, се товарат за добро разработена шема која се одвивала цела деценија а резултирало во загуби и обиди за загуби во вредност од вкупно стотици милиони долари на поединци и компании низ целиот свет.
ФБИ вети дека на ист начин ќе ги гони сите криминалци кои се закана за јавната безбедност и економската стабилност на САД.
– Се работи за долготрајна истрага на софистициран и добро разработен кибер криминал… Ние работиме, помниме и ќе ги изнесеме сите криминалци пред лицето на правдата каде и да се кријат – изјави Дејвид Боудич, заменик директор на ФБИ.
Како што синоќа соопштија од американското Министерство за правда, распишаната награда од пет милиони долари за информација за апсење на двајцата руски хакери е најголема таква награда понудена за кибер криминал досега.